Вести Свет Топ вести

Напнато но мирно, меѓусебните обвинувања на Белград и Приштина продолжуваат

Два дена по еден од најсериозните инциденти откако Косово прогласи незавосност од Србија, не престануваат обвинувањата меѓу Белград и Приштина за тоа кој е виновен за целодневната престрелка кај селото Бањска.

Објавувајќи видео снимено од беспилотно летало над манастирот Бањска, каде по првичниот судир со полицијата групата се повлече, косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, тврди дека лидер на, како што ја нарече, терористичката група бил потпретседателот на Српска листа, Милан Радојчиќ. „Александар Вучиќ преку Српска листа, а тие преку својот потпретседател Радојчиќ, превземаа терористичка акција против правниот и уставниот поредок на Република Косово, обидувајќи се да ја дестабилизираат нашата република“, тврди Свечла во описот на видеото.

На тројца од уапсените кои се поврзуваат со групата им беше одреден 30 дневен притвор, а косовското обвинителство ги товари за тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на земјата и подготвување терористички напади.

Што се однесува до мојот клиент, Душан Максимовиќ, денеска му беше одредена судска мерка притвор во траење од 30 дена. На таа одлука ние ќе поднесеме жалба. На судот му посочивме неколку факти за кои сметаме дека се релевантни, и кои покажуваат дека станува збор за нешто што можеби повеќе е недоразбирање, отколку за што било што би можело да има врска со кривичното дело, изјави адвокатот на еден од уапсените.

Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со амбасадорите на САД, Обединетото Кралство, Италија, Германија, Франција и шефот на делегацијата на ЕУ во Белград, побарал КФОР да ја превземе гружата за сите безбедносни прашања на северот на Косово наместо, како што кажа, полицијата на Курти. Европската комисија порача дека во моментов се водат бројни дипломатски иницијативи поради ситуацијата во Косово, и потврди дека токму за тоа денеска ќе дискутираат амбасадорите на земјите членки во Брисел.

Земјите членки вршат проценка на ситуациајта, дискутираат за неа и се во постојан контакт. Следниот состанок ќе биде попладнево, амбасадорите на земјите членки ќе се сретнат и ќе разговараат за ситуациајта. Значи, ова се политичките процеси кои во моментов се одвиваат за да се направи целосно точна проценка што се случува, што се случило и какви чекори ќе презеде ЕУ, рече портпаролот на ек петер стано.

Околу 30 маскирани лица во борбени униформи во неделата во раните утрински часови отворија оган врз полициска патрола во близина на селото Бањска, при што беше убиен еден косовски полициски офицер, а друг беше повреден. Потоа вооружените лица побегнаа во блискиот манастир, уривајќи ги портите со оклопен транспортер. Четворица од вооружените лица беа застрелани од косовската полицијата и убиени. Последната ескалација ги зголеми тензиите во време засилена дипломатска офанзива на САД и ЕУ унија за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово. Во февруари, Белград и Приштина се согласија на план од 10 точки наменет да ги приближи до членството во ЕУ, но имплементацијата оди тешко и покрај олеснувачката мисија на ЕУ и САД.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово, тројца поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – Изборна хроника 04.05.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Младите знаат дека бев и дека секогаш ќе бидам нивен сојузник

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе