Вести Македонија Топ вести

Денот после Ескобар со иста дилема за ЕУ- Уставни измени или предвремени избори

Ескобар си замина за Вашингтон испраќајќи ја пораката за брз почеток на евро-интеграции, власта и опозицијата ги продолжија своите активности, некој на скопскиот Плоштад, некој во Гевгелија, и двете страни со различни видувања. Вицепремиерот Артан Груби вели дека со американскиот дипломат разговарале за европскиот пат и стратешкото партнерство, но не за предвремени избори.

-Не, не се разговараше во однос на предвремени избори, се разговараше единствено за успешно завршување на уставните измени и продолжување на европскиот пат на нашата земја. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ која има своја програмска определба да ја зачлени нашата земја конечно ќе смогне сили, ќе се надмине себеси, ќе гласа и ќе го тргне ова прашање од дневната политичка агенда затоа што тоа е во интерес на сите граѓани, одговори Груби на прашањето на Телма. 

Мицкоски пак повторува владата ја води Македонија по европскиот пат со бугарски диктат, а на Ескобар му разјасниле кој е ставот на партијата. Тврди дека се што го кажуваат јавно како решение го кажале и на американскиот дипломат.

-Се она што го кажуваме во јавност го пренесовме и не е точно она што го тврдат од коалициската влада на СДСМ и ДУИ или обратно, дека во јавност зборуваме едно, а на меѓународните претставници друго. Сите наши ставови му се пренесени. Ценам дека лично на господинот Ескобар позициите на ВМРО-ДПМНЕ му се појасни. Ние сме исто така како и тие загрижени за актуелната состојба на Македонија иако нашата загриженост е поголема затоа што сепак ние живееме во оваа држава, истакна Мицкоски при посетата на Гевгелија. 

Но, дали се е разјаснето. Ескобар во интервјуто за 360 степени беше прашан дека преку соопштение по средбата ВМРО-ДПМНЕ наведува дека се за ЕУ-интеграција, но во исто време велат и дека се против уставните измени што, пак, е предуслов за ЕУ-интеграцијата. Очекува разјаснување на дилемата пред можноста која ја има државата.

-Би сакал да ги видам да ја објаснат оваа дилема на јавноста. Затоа што, многу искрено, во моментов, земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот, не знаеме што ќе се случи утре. Но, знаеме дека денеска имаме можности ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западниот Балкан. Од гледна точка на пријател, близок пријател, би сакале Северна Македонија да ја совлада оваа пречка и да почне да се дефинира себеси преку односите со трансатлантската заедница, преку нејзините односи со остатокот на светот врз основа на нејзините вредности, а не да се дефинира според Бугарија, рече Ескобар во интервјуто за 360 степени. 

Ние не определуваме кога ќе има избори, тоа го прават граѓаните кои треба да ја препознаат актуелната можност и да испратат сигнал до лидерите, порача Ескобар во интервјуто и ни испрати порака дека ни фали сериозна борба против корупцијата.

Мицкоски пак повтори дека владата мора да си замине токму поради корупцијата во сопствените редови и тоа што порано, а не да се чекаат редовни избори кои тој ги очекува напролет. Груби смета дека ќе се создае консензус во Собранието и ја повтори понудата до опозицијата за влада без ДУИ и датум за избори ама откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа уставните измени.

Вицепремиерот Груби повика и на суштинска дебата што се добива и што се губи со, како што ги нарече, техничките уставни измени и со членството во ЕУ, а не да се дебатира само за предвремени избори. Мицкоски им порача дека пратениците на партијата не се премислуваат и нема да гласаат.

Денот откако Ескобар одлета не донесе промени во политичките ставови, партиите пред јавноста, останаа во своите ровови.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Касами останува градоначалник, министерските позиции резервирани за други

Дејан Дејан

Кавадаречанец му се заканувал на градоначалникот на општината

Дејан Дејан

В среда прегласување во седум избирачки места, шест се во петтата изборна единица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе