Вести Свет

По повеќе од три децении власт, Ѓукановиќ поразен во Црна Гора

По цели 32 години ротирање од претседателската на премиерската позиција и назад, лидерот на Демократската партија на Социјалистите и актуелен шеф на црногорската држава, Мило Ѓукановиќ, заминува во политичка историја.

Во вториот круг од претседателските избори кој се одржа вчера, тој убедливо загуби од кандидатот на Движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ.

Според првичните резултати, Милатовиќ освоил над 60% од гласовите а Ѓукановиќ 39,9%.

Милатовиќ ќе ја преземе функцијата на 20-ти мај, кога на Ѓукановиќ ќе му истече мандатот.

Со ваквиот развој на настаните, партијата на Ѓукановиќ е развластена и на државно ниво, процес кој започна со серијата порази во 2020-тата година на парламентарните избори.

За Милатовиќ гласале вкупно околу 225 000 граѓани, додека за Ѓукановиќ се определиле 155 000 лица.

Ѓукановиќ го призна поразот и му ја честиташе победата на Милатовиќ.

„Црна Гора избра. Јас го почитувам тој избор. Му честитам на Јаков Милатовиќ на довербата која ја доби на претседателските избори. Му посакувам да биде успешен претседател, затоа што ако тој биде успешен претседател, тоа може да значи дека и Црна Гора ќе биде успешна држава и дека ќе се движи кон својата цел“ – изјави Ѓукановиќ, по поразот на претседателските избори.

Најдолговечниот лидер на Балканот, но и во Европа ќе биде заменет од 37 годишниот Милатовиќ,  кој во времето кога Ѓукановиќ прв пат дојде на власт во Црна Гора, 1991-та година, имал само 5 години.

Економист по професија, во политиката влегол по парламентарните избори во 2020-тата година, кога тој и лидерот на движењето Европа сега, Милојко Спајиќ, станале министри во експертската влада на Здравко Кривокапиќ.

„Вечерва е ноќта која ја чекавме повеќе од 30 години и нека ни е со среќа оваа победа на сите нас. Вечерва Црна Гора направи еден решителен чекор напред. Му кажа: „збогум“, судбинско „збогум“ на овој надминат режим на господинот Ѓукановиќ и направи чекор напред кон побогата, поправедна, порамноправна, поубава и европска Црна Гора и нека ни е со среќа“ – порача Милатовиќ.

Резултатите од претседателските избори најверојатно дополнително ќе влијаат на политичките процеси во Црна Гора, особено на парламентарните избори закажани за 11-ти јуни, при што се проценува дека победата на Милатовиќ ќе ја засили позицијата на движењето Европа сега, додека поразот на Ѓукановиќ само ќе ја намали поддршката на Демократската партија на социјалистите.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тројца грабнале скопјанец го тепале и уценувале, меѓу нив еден полицаец

Дејан Дејан

По речиси една година мостот Беласица целосно пуштен за сообраќај

Дејан Дејан

Тенкиот паричник каска зад високите велигденски цени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе