Вести Македонија Топ вести

Раководството на битолското училиште демантира дека во Бугарија патувало со ученици

Директорката на Техничкото училиште во Битола, Жанета Сервини не патувала во Софија со ученици од ова училиште, туку само со нејзиниот заменик Љупчо Здравковски, а целта била Еразмус плус соработка со бугарски училишта. Ова го наведува Сервини во демантот испратен утрово, откако синоќа се закани во нејзино име, и во име на градоначалникот Тони Коњановски со тужба по објавената вест на Телма преземена од страницата на фондацијата „Бугарска Меморија“ на познатиот тајкун Милен Врабевски, финансиер на бугарските клубови Ванчо Михајлов во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Коњановски се огради од заканите на Сервини за тужба.

Категорично ги отфрламе дезинформациите за присуство на ученици од Техничкото училиште од Битола во Бугарија. Во Софија бевме отидени јас и заменикот директор Здравковски Љупчо за да воспоставиме Еразмус + соработка со училишта во Софија, како што впрочем е и практиката на сите други училишта, пишува во демантот на Сервини.

Од  раководството на Еразмус програмата велат дека уште утре ќе направат проверка дали Средното Техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола е добитник на грант од Еразмус програмата, дали директорката била на мобилност во Бугарија, и дали има некаква поврзаност и партнерство со фондацијата „Бугарска Меморија“.

Вчера директорката не одговараше на телефонските повици и пораки. Но, по испратениот демант денеска останаа неодговорени прашањата: кој го организирал патувањето, дали таа и заменикот се сретнале со Врабевски, како фотографии од раководството на Техничкото училиште во Битола се најдоа на страницата на фондацијата, и кои сe учениците од Македонија етикетирани како истомисленици на клубот „Ванчо Михајлов“, како што пишува на веб страницата.

Ученици од Република Северна Македонија пристигнаа во дводневна посета на главниот град во Бугарија. Младите кои се истомисленици  на Бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ Битола беа тука како составен дел од долгогодишната програма на Бугарската Фондација за градење добрососедски односи со нашиот западен сосед. Заедно со учениците во Софија пристигнаа, Жанета Сервини, директор  и Љупчо Здравковски, заменик директор на Техничкото училиште Ѓорги Наумов-Битола, пишува во објавата на фондацијата Бугарска меморија.

Инаку Врабевски е познат финансиер на голем број проекти во Македонија. Освен што го финансираше отворањео на клубовите што ги носат имињата на докажани соработници на фашистите, „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, финансирал читална во Охрид, одбележување на настани од бугарската историја, а најави дека ќе го поддржи детското ликовно студио од Битола, Мал битолски Монмартр.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе