Вести Македонија Топ вести

Од нашата подготвеност зависи дали ќе станеме членка на ЕУ при нејзиното следно проширување

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вели дека не е возможно да се каже кога точно ќе станеме членка на ЕУ, а на тоа прашање одговор немаат ни државите членки, бидејќи ова е процес кој зависи од исполнувањето и напредокот во реформите на земјите преговарачки.

– Значи зависи од нас и од нашата подготвеност да ги спроведеме реформите. Новата методологија е токму на тој начин поставена, да бара поголем ангажман од земјите преговарачки, но од друга страна дава можност за брзина и динамика на процесот. Затоа верувам дека со вака јасно поставена цел пред нас и политичка волја и со силен фокус на реформите можеме да одиме со добро темпо напред. Сметам дека 2030 како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе не води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори и Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, вели Маричиќ во интервју за „Локално“.

Според него Владата и Собранието треба да ги заокружат усатвните измени кои се со јасна намена со цел влез во преговорите, европски реформи и влез во ЕУ како крајна цел.Тој посочи дека ако ги внесеме Бугарите, Хрватите, Црногорците во Уставот не губиме ништо , а добиваме многу.Исто така тој изрази и уверување дека до завршувањето на процесот на скрининг, земјава ќе ги спроведе и уставните измени предвидени со „францускиот предлог“ со цел да може да ги продолжи преговорите по кластери, додавајќи дека очекува и некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат промените на Уставот.

Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот со Бугарија, Маричиќ потенцира дека меѓународното право и меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и тие не може да бидат менувани или дератификувани со домашен закон.

– Северна Македонија е демократска и европска земја и тоа не е така затоа што оваа Влада така одлучила, туку затоа што Македонците и сите граѓани со кои заедно живееме тука од памтивек сме биле на таа страна, и географски, и политички, и вредносно и геостратешки. Тој пат денес за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе, истакнува Маричиќ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе