Македонија Топ вести

Владините уредби сега треба да бидат озаконети од новото Собрание

Прв приоритете на новото Собрание треба да биде верификацијата на уредбите кои ги носеше владата во вонредната состојба, а кои се уште се на сила, е став на правните експерти. Уставната недореченост околу вонредна состојба во услови на распуштено Собранието имаше различно толкување од правниците дали со завршување на вонредната состојба завршува и правната важност на уредбите. Според универзитетската професорка Ана Павловска – Данева, Собранието е тоа кое сега мора да потврди или не дали таквите уредби може и во иднина да произведуваат правно дејство.

„Има некои уредби кои едноставно не можат да престанат де факто,  да престанат да важат. Да речем, фактот дека нашите средношколци не полагаа матура и дека без матура ќе се запишуваат на факултетите, но затоа пак има се уште уредби чија правна сила не се знае. Банален пример: владата донесе уредба со која што се запрени вработувањата на сите дадени согласности за нови вработувања, но запрени се до 31 декември. Сега треба Собранието да одлучи. Ако ја верификува таа уредба, тогаш навистина сите институции кои добиле согласност од Министерство за финансии и од други органи за вработување нема да можат да вработуваат, но ако не го верификува тоа Собранието, тоа значи, од утре што се вели, ќе можат да почнат со распишување на конкурси за вработување на нови кадри“, вели Павловска – Данева.

За правните апсекти на вонредната состојба се произнесе и МАНУ во своја анализа уште во јуни во која се наведува дека потврдувањто  на уредбите мора да биде извршено само со закон, бидејќи тие имаат сила еднаква на закон и само со закон може да се укине или измени друг закон.

„Поинаквото решение, односно протегањето на дејството на уредбите со законска сила без потврдување од Собранието и по завршувањето на вонредната состојба е проблематично поради слабиот легитимитет на прописите усвоени од Владата без собраниска контрола“, се наведува во анализата на МАНУ.

Но освен важењето на уредбите, постои уште една правна недореченост која може да доведе до различно правно толкување, а тоа е до кога Собранието треба да ги потврди или не уредбите.

„Иако не постојат рокови, сметам дека прв приоритет на Собранието треба да бидат овие уредби. Верификација на уредбите со законска сила и под број два носење на Законот за заштита од дискириминација, чие што донесување беше спречено од одлуката на Уставниот суд“, е ставот на професорката Павловска – Данева.

Според неа освен овие две уставни и законски недореченост, вонредната состојба покажа и недостаток од посебен Закон за вонредна состојба.

„Ние таков закон во државата немаме, и тој ни е нужен и ни е неопходен. Но од друга страна правен основ за носење на таков закон треба да има во уставот, а уставот не содржи. Самиот Устав треба да биде менуван во оваа насока. Не би рекал дека овој состав на собранието би можел да се фати во костец со такво едно крупно прашање, со отворање на Пандорина кутија, бидејќи во нашата држава, отворање на уставот и менување на уставот, навистина ќе отовори многу други, не само правни, и политички прашања“, вели Павловска – Данева.

Тоа би можело, смета универзитетската професорка Павловска – Данева, да го направи собрание со обезбедно стабилно политичко мнозинство и сериозна политичка волја за менување на Уставот и пред се постоење на политички консензус меѓу сите политички партии за тоа.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе