Вести Македонија Топ вести

Расте бројот на новозаболени со пертусис

За само два дена 14 нови случаи со потврдена голема кашлица регистрира Центарот за јавно здравје – Скопје. Најголем број заболени со пертусис се во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода. До сега во Скопје има вкупно 64 случаи на пертусис. Расте и интересот за вакцинација по препораките на Комисијата за заразни болести вакциналните пунктови да работат во две смени вклучувајќи и сабота. Најголем дел од пациентите се деца кои се поголеми од три години, кои ја имаат пропуштено редовната ревакцина на 18 месеци и сега доаѓаат да ја примат. За педијатар Цилевска – Младеновска важно е да се подигне свеста за важноста на имунизацијата, доколку имаме предвид дека дел од родителите реагираат нервозно и важно им е само да добијат потврда.

„Морам да кажам дека е разочарувачки што најголемиот мотив за вакцинација на децата е регулативата што ја бараат во градинка. Значи веќе не се мисли на вакцината како заштита од заразни болести кои биле потенцијално смртоносни во минатото и се уште гледаме последици од нив, туку најголем интерес е детето да оди во градинка дека нема кој да го чува, додека родителите се на работа. Тоа е разочарувачки дека и ние како лекари, како педијатри и како матични и како специјалисти на сите нивоа на заштита и примарно и секундарно и терцијерно, не се зборува доволно за бенефитот од вакцините и родителите се со сомнеж дали треба своето дете да го вакцинираат, дали вакцината ќе ги заштити децата од тие болести или условно како што некои антивакцинални кампањи пропагираат, дека е подобро некои од тие болести да се прележат во детството, што е апсолутно неточно и може да биде со страшни последици“, изјави спец. д-р Сања Цилевска – Младеновска од вакциналниот пункт поликлиника „Букурешт“.

Во  моментов се соочуваме со епидемија на пертусис во Скопје, меѓутоа во соседните земји расте бројот на заразени со мали сипаници . Во Белград е прогласена епидемија на морбили, каде денес се потврдени нови случаи на морбили, кај 46-годишен маж и  3-годишно дете, на кои им се слошило. Мажот е со непознат статус на вакцинација, а детето било невакцинирано. Заедно со нив, морбили се потврдени кај вкупно 11 лица во Белград во периодот од 6 февруари до денеска.

„Да, многу е загрижувачки. Опфатот на вакцина за морбили, рубеола и заушки е многу низок, последнава година е чинам и под 70% и тоа е навистина ниско, ако сметаме дека за колективен имунитет ни се потребни над 95%, значи ние сме многу под тоа ниво и еве го гледаме случајот со Србија што се случува како што беше и со пертусисот, па за месец дена дојде и кај нас. Ние во секој момент очекуваме со овој процент на имунизација дека ќе дојдат и морбилите. Апел до родителите, затоа што многу од дечињата кои ги пропуштиле редовните ревакцини еве сега конкретно за ДиТеПер, доаѓаат и велат ние сега со оглед на ситуацијата сакаме да ја прими  ДиТеПер, а за морбили ќе дојдеме накнадно. Јас се надевам дека искрено ќе дојдат, за да немаме повторно епидемија со морбили“, додаде спец. д-р Сања Цилевска – Младеновска.

Во меѓувреме и покрај препораката на Комисијата за заразни болести да не се примаат деца делумно вакцинирани или невакцинирани, градинките само ги ажурираат вакциналните картони на децата, но не ги враќаат невакцинираните. Се поставува прашањето дали се тактизира со она што може некои да го толкуваат како „непопуларни мерки“ што би предизвикале негодувања, но за медицинските лица е несфатливо во време на епидемија да не се стави здравјето на прво место.

 Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фото) Град со големина на орев се истури врз кумановско-липковскиот регион

Дејан Дејан

Вучиќ: Не очекувавме дека некои земји ќе ни забијат нож во грб

Дејан Дејан

(Видео) Жена загина во Сомбор, причинета материјална штета и црвен метео аларм – силно невреме во Србија, во Хрватска, во БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе