Вести Свет

Почна копнената офанзива врз северниот дел на Газа, Израел ги прекина сите комуникациски канали

Израелските одбрамбени сили ја интензивираа копнената офанзива во северниот дел на Појасот Газа и значително го проширија просторот на делување. Од рано утринава оклопни возила, артилерија, тенкови и пешадија го чешлаат појасот. На терен се слушаат и по неколку експлозии на секоја минута од тешката и континуирана артилериска стрелба. Копнените сили со поддршка на авијацијата велат го чистат теренот од милитентите на Хамас и нивните воени структури.

Портпарол на Цивилната одбрана во Газа, пак Мухамед Басал, утрово соопшти дека со последниот налет израелската војска го промени изгледот на Газа. Во силното бомбардирање уништени се стотици згради и куќи, а по улиците има огромни кратери од бомби.

Силите се уште се на терен и ја продолжуваат војната. До овој час, во однос на активноста од синоќа, нема жртви во редовите на нашите сили. Ќе продолжиме да вложуваме големи напори за да ги заштитиме нашите војници со силен оган од воздух, но ова е борба, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израел ги прекина комуникациите и создаде информативен мрак. Извештаите кои ги пренесуваат светските медиуми говорат дека амбулантните возила во земјата во текот на најжестоките бомбардирања од почетокот на војната пред 22 дена само возеле кон експлозиите да ги соберат повредените или жртвите.

Светската здравствена организација соопшти дека од утрово „не е во контакт“ со персоналот и здравствените установи во Газа и изрази загриженост за нивната безбедност.

Хуманитарниот систем во Газа се соочува со тотален колапс со незамисливи последици за повеќе од 2 милиони цивили. Како што бомбардирањето се интензивира, потребите стануваат сè покритични и поколосални. Околу 500 камиони дневно преминуваа во Газа пред да започнат воените дејствија. Во последниве денови, просечно само 12 камиони дневно можеа да влезат, и покрај тоа што потребите беа многу поголеми отколку што беа во кое било време досега, изјави Стефан Дужариќ, портпарол на генералниот секретар на Обединетите нации.

Израелската Армија објави дека „погодила 150 подземни цели“ во северниот дел на Појасот Газа за време на интензивните бомбардирања во текот на ноќта. Израел верува дека палестинското исламистичко движење ги организира своите операции од голема мрежа на подземни тунели.

Еврејската држава собра стотици илјади војници долж границата пред очекуваната копнена офанзива, а Појасот Газа е под блокада која значи намалување на залихите на вода, храна, струја и лекови.

Советот за безбедност на ОН, вчера изгласа резолуција со која повикува итен прекин на огнот, но Израел ја нарече резолуцијата „одвратна“. Резолуцијата која ги осудува актите на насилство врз палестинските и израелски цивили и повикува на итна хуманитарна помош на тамошното население нема обврзувачки карактер но има морална тежина. Донесена е на предлог на Јордан а ја поддржаа 120 членки, 14 гласа беа против, а 45 се изјаснија за воздржани, неѓу нив и Македонија.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе