Вести Македонија Најважни

Лекот за конго-хеморагична треска стигна – власта смирува, опозицијата обвинува дека надлежните се одмораат

Нема простор за паника – стигна лекот за конго-кримска хеморагична треска, информираат од Инфективната клиника.

„Вчера имавме еден состанок со СЗО во врска со болеста. Разговаравме на темата и за терапија за лекување на пациентката и за самиот лек и за се. Така да собираме искуство и од надвор да видиме што и како, и што понатаму. Лекот е тука, да, лекот е кај нас“, вели д-р Добринка Наунова-Јовановска Инфективна клиника.

Додека властите смируваат од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат за недостиг на лекови, како и дека министерство за здравство одмара и ништо не може да контролира, додека се шири – хеморагична треска.

„Секојдневно сме сведоци само на лаги! Зошто? – Затоа што информациите велат дека сите кои биле во контакт со вработената на Инфективна клиника одат на работа. Комисијата за интрахоспитални инфекции на Клиниката е на одмор, на Клиниката нема директор, никој не знае каде е. Државниот санитарен и здравствен инспекторат едвај покажува знаци на живот“, обвинуваат од  ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од здравство велат дека опозициската партија неконтролирано шири лаги и манипулира со јавноста, со што меѓу народот се создава паника.

„Нашите здравствени работници го даваат максимумот да одговорат на потребите на пациентите. ВМРО-ДПМНЕ да престане со празни, неосновани соопштенија, да се обидуваат да шират страв меѓу граѓаните. Тоа е неодговорно и ниско ниво на политичка манипулација на чувствителни теми“, велат од Министерство за здравство.

Конго-хеморагична треска е историски ретко заболување, не само кај нас туку и во регионот, вели д-р Злате Мехмедовиќ и додава дека нема простор за паника и здравствените институции ги преземаат сите мерки за да се ублажи бројот на случаи.

„Најчестите симптоми кои што се јавуваат се главоболка, покачена телесна температура, болки во мускулите и оние кои што малце подоцна се јавуваат се симптоми поврзани со нарушувања на крвните садови и затоа се јавуваат оние крвни подливи или модрици или хематоми поткожни кои што се гледаат. Крварењето е ретко карактеристичен симптом кои што е поврзан со оваа хеморагична треска, и затоа кога имате веќе отворени рани или крварење кое што се јавува како резултат на веќе инфицирано лице. Можно е да настане контаминација на околните, оние блиски контакти. Меѓутоа треба да напоменеме дека тоа е сериозна количина на инфективен агенс кој што треба да дојде до контакт со лицето за да дојде до пренесување на таа болест. Нема сериозен епидемиолошки ризик за да предизвика масовно заразување и загрозување на јавното здравје, затоа пораките од комисијата за заразни болести беа дека треба да испратиме смирувачки тонови дека ова не е новиот ковид кој што се пренесува по многу полесен, респираторен пат, дека не е такво заболување дека овде ќе биде потешко да земе замав и да направи сериозни проблеми и да го наруши јавното здравје “, вели за Телма Д-р Злате Мехмедовиќ портпарол на Комисијата за заразни болести.

На 7 август од конго-кримска хеморагична треска заболе болничарката од Инфективната клиника, која била во контакт со 27-годишната жена од штипското село Кучица, која почина пред десет дена откако била касната од крлеж.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Милијарда евра со ниска камата од странска влада- од каде е финансискиот пакет кој го најавува Мицкоски

Дејан Дејан

Ахмети со најубедлива победа, Пендаровски со најголем пораз во своето маало

Борел и Вархеи и честитаа на Силјановска Давкова и повикаа да се исполнат обврските за ЕУ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе