Околу 2, 4 милиони евра месечно се собираат од давачката “пристап до мрежа. Оваа ставка во 800 илјади фактури за струја се воведе на почетокот од годинава и чини 200 денари.
За месеците февруари, март и април пак се собраа над 7 милиони евра. Во јануарските сметки не беше пресметана, затоа што граѓаните предвреме платија.
Од Електродистрибуција тврдат дека сите пари се за одржување на мрежата.
Поконкретно, овој надоместок со фиксен износ кој е одобрен од РКЕ, покрива дел од потребниот приход кој е неопходен за нормално и непречено вршење на дејноста дистрибуција на електрична енергија, велат од Електродистрибуција.
Појаснуваат дека ставката и претходно постоела во сметките, била вкалкулирана во дистрибуцијата. Но, со ваквиот начин на наплата оние кои имаат ненаселени викендички, станови не плаќале ништо, а сепак имаат обврска за дел од трошокот кој паѓал на товар на оние кои редовно плаќале.
На пример, отстранувањето на дефект од определено продрачје се однесува на сите корисници (и тие што моментално не трошат, но во моментот кога ќе сакаат да трошат имаат воспоставено напојување), а трошоците беа на товар само на тие што трошат. додаваат од Електродистрибуција.
Во јуни граѓаните ќе добијат и нова цена на струјата, но не и за мрежарината. Иако, првично се планираше од оваа година одлука да се носи само еднаш и тоа во ноември, поради изборот на нов Универзален снабдувач одлука мора да се донесе идниот месец.
Колку ќе се плаќа за мрежарина Регулаторната комисија за енерегетика ќе одлучува дури во декември.
Дел од енергетските компании пресметките за трошоците до РКЕ ќе треба да ги достават до крајот на мај.
Допрва ќе се види дали и колку намалената профитна маржа од Универзалниот снабдувач, ќе влијае на намалување на цената на струјата.
Ирена Чачкова