Власта ги засилува напорите да обезбеди дво-третинско мнозинство за уставни измени. Вицепремиерот Артан Груби останува оптимист дека тоа е можно и со овој парламентарен состав. И покрај јасното одбивање од опозициските партии, Груби уверува дека добива поинакви сигнали.
-Проевропското крило што е во подем во опозицијата, во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени. Веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, комуницираме со претседателите на политичките партии за начин на којшто и тие ќе ја дадат својата поддршка за Европска Македонија, вели првиот вицепремиер Артан Груби.
ВМРО ДПМНЕ повторно ја повика власта – ако има доволно пратеници за уставни измени, наредната недела да ги стави на дневен ред или да си поднесе оставка.
-Владата на Ковачевски се обидува да направи дефокус од секојдневните неуспеси, немањето учебници, највисоката стапка на инфлација, најнизок економски раст… Криминалот го покриваат со лажни вести. Редот да шири лаги денес му е на Артан Груби. Прашањето за уставни измени не е дали сме за или против ЕУ, туку дали сме за или против идентитетско обезличување и прифаќање на бугарските ултиматуми, реагираат од ВМРО – ДПМНЕ.
Груби е уверен во спротивното: смета дека во овој процес најголем добитник е македонскиот народ, затоа што со внесувањето на Бугарите во Уставот се потврдува дека се работи за два различни народи.
-Уставните измени не дека ќе се случат туку мора да се случат. Без уставните измени Македонија е во регрес, во статус кво и не може да оди напред. Затоа, секој што сака Европска Македонија, секој што сака развој, да ја види нашата земја рамо до рамо со членките на ЕУ, ќе даде поддршка за уставните измени. Од нив, најголем добитник ќе биде македонската заедница затоа што конечно се прави одвојување на македонскиот од бугарскиот народ, додава Груби.
На тема уставни измени нема реален напредок: ниту власта поднесе предлог за менување на Уставот ниту опозицијата предложи референдум за „францускиот предлог“. Последното потсетување на оваа обврска од европскиот пат дојде од германскиот пратеник Михаел Рот. Пред неколку дена тој дојде во Скопје за да се сретне и со власта и со опозицијата и да им порача дека пристапните преговори не може да продолжат без менување на Уставот.
Соња Николовска