Вести Македонија Најважни

За и против изборот на претседател во Собрание

Најголемите партии во земјата ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се против укинување на непосредните избори за претседател и консензуално бирање шеф на државата во Собрание, како што предлагаат сите партии на Албанците.

ВМРО ДПМНЕ го нарече овој предлог национал-романтичарски. Сметаат дека ДУИ го предлага во недостиг на реални аргументи и проекти за суштинските проблеми на граѓаните.

-ВМРО-ДПМНЕ под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа уцени. Ние само ќе ги повикаме граѓаните да го следат ова однесување на ДУИ и да биде тоа дополнителен мотив за сите граѓани на наредните избори да докажат дека оваа држава не е заложник на една политичка партија и дека ДУИ, како што се однесува изминативе 20 години, очигледно ќе продолжи да се однесува и наредните години. Време е конечно ДУИ да отиде во опозиција, рече Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ смета дека претседателот на државата треба да се бира во Собрание, исто како во Косово и во Албанија. Двотретинското и Бадинтеровото мнозинство би послужиле да се спречи етничко надгласување и наметнување на волјата само на двете поголеми партии на Македонците.

-Разочарани сме што ВМРО-ДПМНЕ еднаквоста ја гледа како уцена, и избрзува, како и секогаш, со отфрлање на прогресивни идеи поради заробеноста на конзервативниот ум во замислената етничка доминација во заедничката држава, вели Арбр Адеми од ДУИ.

На повиците на ДУИ за единство, опозициските партии одговараат со обвинување дека токму Али Ахмети не го прави тоа.

-Али Ахмети вели дека сите Албанци треба да бидат заедно и да има еден кандидат Албанец, а самиот не го почитува тоа. Тој кажа дека самиот ќе се кандидира па потоа се повлече. Знае дека ќе ги изгуби изборите па го жртвува Бујар Османи, рече Блерим Сејдиу од БЕСА.

СДСМ потсетува дека во 2019-та веќе го одбила барањето на ДУИ. И тогаш и денес тврди дека моделот за избор на претседател не треба да се менува.

-Претседателот на државата треба да биде претставник не само на мнозинската волја на граѓаните туку и на сите граѓани, без оглед на нивната политичка, етничка или друга припадност. Само претседател избран директно од граѓаните има толку шпирок потенцијал – да може да делува во обединување на општеството, на граѓаните и на партиите и да придонесе за остварување на врвните стратешки и национални цели.

ДУИ и Европскиот сојуз за промени имаат слично барање. Кандидатот за претседател на здружената опозиција на Албанците Арбен Таравари, исто како и Али Ахмети, го услови учеството во наредната Влада со отварање на Уставот и три измени: внесување на Бугарите во Преамбулата, впишување албански јазик наместо јазик што го говорат 20 одсто и избор на претседател во Собрание со договор  – една од трите главни функции во државата по автоматизам да им припадне на Албанците.

Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров беше избран во 91 година во Собрание со гласовите на 114 пратеници. Од 94-та, се организираат непосредни избори секои 5 години.

Соња Николовска

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вучиќ: Не очекувавме дека некои земји ќе ни забијат нож во грб

Дејан Дејан

(Видео) Жена загина во Сомбор, причинета материјална штета и црвен метео аларм – силно невреме во Србија, во Хрватска, во БиХ

Дејан Дејан

Стотици заложници, најмногу жени и деца, беа спасени од милитантите на Боко Харам во Нигерија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе