Вести Македонија

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставен суд, бараат пасошите и возачките дозволи да важат и по 12 февруари

Оваа жена со болки од физикална терапија на минусни температури со часови чека пред пунктот за промена на личните документи. Вели дека веќе три дена доаѓа овде, но не успеава да влезе внатре. Нејзиното здравје не дозволува да стои со часови, па затоа мора да седи на столче и да чека да и дојде ред. Седејќи и чекајќи му упати порака на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Што има да ги молат грците да пролонгираат рок. Оливер може да ги среди работиве внатрешно. Да постави да работат дванаесет шалтери како што беше првите неколку дена и оваа гужва нема да биде. Овие внатре се изживуваат со нас, кога сакаат затвараат, а ние што сме чекале на никој не му е гајле“, вели една граѓанка.

И останатите граѓани кои беа пред пунктот за вадење на лични документи потврдија дека шалтерите се затвараат порано од најавеното.

„Редица граѓани пред пунктот за вадење лични документи без закажување. Голем дел од нив се жалат дека иако имаат влошена здравствена состојба овде мораат да чекаат со часови“.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставен суд за законите за патни исправи и безбедност во сообраќајот од 2021 година.

„Со овие претставки се бара Уставниот Суд да поведе постапка за оценување на уставноста на овие два члена. Дополнително во двете претставки се бара Уставниот суд да донесе РЕШЕНИЕ ЗА ВРЕМЕНА МЕРКА. Односно согласно Деловникот на Уставниот суд, Уставниот Суд да го запре извршувањето на оспорените членови на Законите, се’ до одлучувањето дали се тие уставни или не“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Од Демократски сојуз сметаат дека е проблем ова да се реши внатрешно со законски измени затоа што е обврска произлезена од меѓународен договор. Сметаат дека решение е разговор со Грција.

„Има основа да се разговара и ние треба јасно да декларираме дека Македонија апсолутно нема да ги крши одредби од Преспанскиот договор. Тоа се одредби кои ги прифатила Владата во овој состав, односно уставните промени се направени од СДСМ И ДУИ заедно. За се што прифатиле тие требаше да ја подготват државата да може внатре да ги имплементира тие решенија“, изјави Павле Трајанов, демократски сојуз.

Пунктот за промена на лични документи без закажување во Полициската станица „Пролет” работи веќе два месеци. Надлежните го отворија со цел да се намалат редовните гужви пред шалтерите, но тоа не го реши проблемот.

Тамара Марковска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија ги повлече своите војници од Малдивите

Дејан Дејан

Земјотрес со јачина од 5,8 степени во Тајван

Дејан Дејан

ЕК обезбеди 50 милиони евра макрофинансиска помош за Mакедонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе