Вести Македонија

Жестоки критики од синдикатите откако вчера претседателот Пендаровски ги потпиша петте закони за изградба на коридорите 8 и 10д

На претседателот Стево Пендаровски му беа потребни три дена за да разгледа три членови од предлог измените на Законот за работни односи, а доколку се врател назад еден, два члена, ќе видел дека во законското решение пишува 72 часа работна недела, обвинуваат од Сојузот на синдикати на Македонија. Во вечерашната Топ Тема на Телма, претставникот на ССМ Слободан Трендафилов, рече дека и покрај неговото тврдење, биле убедени дека ќе ги потпише законите за изградба на коридорите 8 и 10д.

Го поздравувам експозето на претседателот, навистина во законското решение никаде не пишува 60 часовна работна недела, меѓутоа претседателот веројатно само предлог законското решение го читал, не и основниот текст на Законот за работни односи. Доколку се врател назад еден, или два членови, пред членовите кои се менуваат со предлог законот за работни односи ќе видел дека во законското решение пишува 72 часовна работна недела. Имајќи во предвид дека работниците ќе ги уживаат дневниот, неделниот и годишниот одмор, а нашиот закон и меѓународните конвенции предвидуваат минимум 12 часа дневен одмор и 24 часа неделен одмор. Во право е претседателот кога вели дека не гледа 60 часовна работна недела, и дека за него тоа апсолутно не е спорно, меѓутоа веројатно математиката му е послаба страна, исто како и мене, па 72 му е помалку од 62 часови, за да му бидат далеку повеќе спорни од 60 часовната работна недела, рече Трендафилов.

Рече дека до Сојузот на синдикати пристапиле експерти, професори по трудово и по уставно право, за без никаков надоместок да помогнат да се направи најдобрата иницијатива и овој закон да се оспори пред Уставниот суд, и Уставниот суд конечно да стави крај на ваквите манипулации.

Неразбирливо е за нас како во Македонија, држава која сака да стане земја членка на ЕУ, патем и ЕУ нѐ искритикува преку ЕК, преку низа амбасадори во Македонија за ова законско решение, дека апсолутно нема никакви европски вредности во него, и Уставниот суд конечно ќе им покаже на политичарите, на оние кои ги бираме дека не зависи од изборот на уставните судии од политичарите. Имајќи во предвид дека на претседателот Пендаровски еден ден претходно му беше кажано дека или ќе ги потпише законите, или ќе ја изгуби поддршката за следните претедателски избори. веројатно работниците ќе паметат, рече Трендафилов.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, кои минатата година први поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на сличните законски измени, изнесе низа спорни елементи од предложените измени на Законот за работни односи, потенцирајќи дека тој им бил спорен уште од самиот почеток.

Мене самиот закон од јавен интерес, односно законот за Бехтел и Енка ми е спорен уште од самиот почеток. И тоа го кажа и самата претседателка на ДКСК, тие единствени уште минатата година поднесоа иницијатива за оценување на уставноста, меѓутоа нивната иницијатива не промина, што уште тогаш ни укажа на тоа дека Бехтел и Енка ќе имаат посебни привилегии во нашата земја. Сега гледаме дека навистина е така. Во минатиот закон измените беа „во просек 60 часа неделно“, што значи во просек може да биде и 120, тоа ни беше аргументот пред Уставен суд. Меѓутоа сега овие измени се уште покритични бидејќи се вели дека работното време ќе биде над 190 часа годишно. Каде е горната граница, праша Ампева.

Според неа, ограничувањето на 190 прекувремени работни часови во постоечкиот закон стојат со причина.

Овде тоа се избегнува. Европското знаменце се употребува кога станува збор за закони кои што се поврзани со европски норми и стандарди, а овде ова се користи за да се избегне јавна дебата, обвини таа.

Сепак, директорката на Државнито инспекторат за труд, Весна Томовска е уверена дека нема да има злоупотреби. Тврди дека инспекторите ќе бидат на терен уште од самиот почеток на градежните активности, каде што ќе проверуваат дали се спроведуваат законските одредби.

Во текот на летниот период, доколку се покачат темепратурите веќе во портокаловата фаза имате забрана за работа од 11 до 17 часот, што значи дали тоа ќе се користи и ќе биде така, тоа не може никој да го предвиди. Меѓутоа, дадено е како можност, затоа што во градежништвото вие имате одредени специфични работни места, особено во делот на градежната механизација, каде што имаме дефицит кај одредени работни места, за кои што не може да се прекине процесот на работа, кога е започнат. Во тој случај ова се дава како можност да се користи. Јас сметам дека нема д се злоупотребува, рече директорката томовска.

За разлика од Државниот инспекторат за труд, забелешки за овие законски одредби имаат и работодавачите, кои се изненадени од недостатокот на комуникација и лошото претставување на потребните законски измени за исградба на двата коридори.

Апелираме дека мора да се почитуваат работничките права, дека мора да се почитува трудовата легилсатива, во која имаме партиципативна активност за да можеме да се приближиме кон ЕУ. Сега сме изненадени од лошата комуникација и лошото претставување, што би значело промената на Законот за работни односи и останатите закони кои мораат да го поддржат овој начин на работа, за кој ќе нагласам не е европски начин на работа, рече Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фото) Град со големина на орев се истури врз кумановско-липковскиот регион

Дејан Дејан

Вучиќ: Не очекувавме дека некои земји ќе ни забијат нож во грб

Дејан Дејан

(Видео) Жена загина во Сомбор, причинета материјална штета и црвен метео аларм – силно невреме во Србија, во Хрватска, во БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе