Вести Македонија Топ вести

Ковачевски во вербален дуел со бугарскиот претседател Радев – кои се наследниците на Делчев?

Втор ден препукување на релација на Софија – Скопје на највисоко ниво. Откако вчера премиерот Димитар Ковачевски на обвинувањата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека во Македонија има системско газење на правата на Бугарите и возврати дека Бугарија кон Македонија се однесува како Русија кон Украина, денеска имаше нов дуел, овојпат на едно ниво повисоко, со шефот на бугарската држава, Румен Радев.

„Раководството на Република Северна Македонија може да тврди дека гради модерно, мултиетничко општество, кога ќе најде сили да ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“, изјави Радев.

Ковачевски на ова му возврати, дека во Уставот ќе бидат впишани неговите сонародници.

„Откако работната група ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев, ќе ги вметнат и сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав“, рече Ковачевски.

Радев освен провокацијата околу сонародниците на Делчев, се пофали дека тој е всушност бугарскиот политичар кој успел да го реши бугарското прашање во Македонија.

„Можеби сте заборавиле јас бев човекот кој во 2021 година им го постави прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија на сите наши европски партнери. Една година го држев тој процес – две вета на Советот за проширување – се додека нашите партнери и институции не се уверија дека има проблем и дека тој не е двостран, туку дека тоа е европски проблем“, изјави Радев.

Радев отиде и чекор понатаму со тврдење дека за разлика од Македонија во која Бугарите се тепаат и клубовите им се палат, во Бугарија Македонците ги почитуваат сите права.

„Има ли во Бугарија луѓе кои се идентификуваат како Македонци? Има ли? Има. Но тие луѓе ги имаат сите права рамноправно со сите бугарски граѓани. Тие можат да се работата во администрацијата на сите нивоа. Тие можат да се кандидираат, да ги земат сите изборни надлежности во нашата држава. Тие ги имаат сите права и никој не ги ограничува, не ги спречува“ – додава Радев.

Радев денеска се пожали на неисполнување на Протоколот од страна на Македонија, во делот на учебниците, јазикот на омраза, медиумите, отворање на архивите и извинувањето за етничките репресии кон Бугарите низ годините, за што рече дека ги информирал европските држави.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поплави во Индонезија најмалку 37 мртви и17 исчезнати:

Дејан Дејан

Најмалку 20 демонстранти приведени во Тбилиси

Дејан Дејан

Мицотакис за одлуката на Сиљановска Давкова да не го користи уставното име: нелегална, недозволива и провокативна

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе