Македонската ракометна репрезентација утре во арената „Борис Трајковски“ од 19 часот ја пречекува селекцијата на Фарски Острови во рамки на реванш натпреварот од баражот за пласман на Светското првенство идната година. Нашите ракометари имаат огромна негатива од седум голови по првата средба на гостински терен.
Македонија во средата одигра очајно на гостувањето кај Фарски Острови и загуби со 34-27. Селекторот Кирил Лазаров заедно со неговите избраници имаа неколку денови да работат напорно за да ги остранат грешките во играта. Утре на нашите момци ќе им треба перфектен натпревар за да го надиграат противникот со голема разлика.
Интересно е тоа што во бараж натпреварите за Светското првенство, Македонија знае како да победува убедливо. Најсвеж пример е првата рунда од баражот во 2022 година против Романија, кога во Скопје славевме со 30-22. Всушност, Романија два пати ја имаме победено на домашен терен со осум разлика во бараж, во 2018 година со 32-24.
Секако една од најголемите победи на македонската репрезентација е онаа од баражот во 2008 година, кога во Скопје го здробивме тогаш силниот Исланд со 34-26. Убедлива победа имаме и против Чешка во 2016 година од 34-27, а најубедливиот триумф во еден мундијалски бараж на домашен терен го имаме против Грција со 35-23 во 2014 година.
Македонија утре повторно мора да слави со повеќе од седум голови разлика за да го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Нашата селекција нема пропуштено Европско или Светско првенство уште од 2012 година.