Вести Македонија Топ вести

Бугарските дипломати не дојдоа на одбележувањето на 80 години од холокаустот на Евреите во Битола

На чествувањето по повод 80 годишнината од депортацијата на 3.350 битолски Евреи во логорите на смртта, денеска не дојдоа претставници на амбасадата на Бугарија во Македонија, ниту пак од генералниот конзулат во Битола. Пред споменикот на жртвите од холокаустот во Битола, се поклонија граѓани, политичари, гости од Израел, амбасадори и конзули на повеќе држави меѓу кои и на Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Од Еврејската заедница велат дека испратија покана до сите конзулати и амбасади во земјава.

Покани се испратени до целиот дипломатски кор. Ние имаме одбележување и комеморација три дена. Кој каде ќе дојде секој сам одлучува, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.

Леви вели дека Европа не смее да дозволи притисок врз Македонија за промена на историската вистина, а провокациите од Бугарија со отворање клубови на докажани соработници на фашистите не водат кон прогрес.

Тоа не се билатерални прашања, тоа се мултилатерални прашања и за тоа треба да биде загрижена цела Европа и целиот свет. Се знае која беше фашистичката оска, се знае кој ги собра невините еврејски жртви, вели Леви.

Одбележувањето на 80 годишнината од депортацијата на битолските Евреи започна утрово со комеморација во Офицерскиот дом, од каде се пренесе пораката вакво злосторство никогаш да не се повори.

Денска не им судиме на злосторниците и нивните слуги. Денеска го чуваме од заборав споменот на нивното злосторство за никогаш да не се повтори. Споменот на направеното злосторство е најголем кошмар за злосторниците и нивните поколенија. Едно е да наведнете глава од почит, друго да наведнете глава од срам, но и за тоа треба да се има доблест, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Од споменикот на жртвите на холокаустот во некогашното еврејско маало до железничката станица во Битола се одржа и традиционалниот Марш на живите, пат што утрото на 11 март 1943 година, го минаа пешки битолските Евреи пред да бидат депортирани со вагони до Скопје, а потоа до логорот Треблинка. Во нивен спомен, учесниците во маршот на пругата положија цвеќе и камчиња со имињата на еврејските семејства кои никогаш не се вратија дома.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЦУК: Спасени две лица кои со „четвороцикл“ излетале во провалија на Шара

Дејан Дејан

Прв чартер лет на шпанска Ибериа на Скопскиот аеродром

Дејан Дејан

Министерот за правда Кренар Лога бара нова заклетва на Силјановска

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе