Вести Македонија

Опасниот отпад во „Треска“ стои нерасчистен заради истрагата која сè уште трае

Поминаа речиси два месеци откако половина Скопје го виде и помириса чадот издигнат над „Треска“.

Просторот и понатаму стои како потенцијална еколошка бомба во центарот на градот.

Халите треба да се исчистат од отпадот кој стои таму со години, коментираше градоначалникот на Центар во деновите по огромниот пожар и им наложи на сопствениците на објектите да делуваат.

Но, и покрај тоа, тие сè уште чекаат.

 

„Истите уште не постапуваат, бидејќи Сè уште се водат постапки од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Сопствениците и Општина Центар очекуваат Обвинителството да се изјасни дали тие можат да започнат со расчистување на локацијата“ изјави Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

А, Обвинителството веќе одамна трага по одговорите. По пожарот во просториите каде што некогаш се произведувало мебел, увидните екипи веднаш ги собраа евентуалните докази и траги.

Покрај големиот пожар на 14 април, помали пожари на таа локација избувнуваат често, а сведоци се жителите од околината.

Најчестата причина е палење на кабли.

„Локалците велат дека често се случува да горат објекти во кругот на „Треска“. Обвинителството два месеци истражува, кој и зошто го подметнал големиот пожар којшто се случи во фабриката, на земјиште кое е особено интересно за големите градежни инвеститори.“

Телма побара одговори од Јавното обвинителство, а оттаму само кратко информираа.

„Сè уште се постапува по наредбите и насоките на јавниот обвинител, за откривање на причините за пожарот“ велат од ЈОРСМ, во одговор за Телма.

Но, веднаш штом заврши истрагата, сопствениците ќе мора да се зафатат со работа.

Државните инспектори за животна средина алармираа дека пожарот воопшто не бил наивен. Ова е базирано на анализите и мерењата кои покажале што точно изгорело.

Во пожарот изгореа салонитни табли кои содржат и до 40 проценти азбест, а на локацијата имало и празен резервоар за нафта.

 

 

 

„При горењето, салонитните табли коишто биле покривна конструкција и заштита на самите објекти, се распаднаа. После нивното распаѓање и кршење, тие претставуваат опасен отпад којшто содржи од 14 до 40 проценти азбест, во зависност од квалитетот на самите салонитни плочи“ изјави Сретен Стојковски од ДИЖС.

Покрај ова, во пожарот изгореа и стари кабли, а голема причина за чадот кој го обви главниот град беа и остатоците од материјали за производство на мебел, коишто со години скапувале во напуштените простории.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Индија ги повлече своите војници од Малдивите

Дејан Дејан

Земјотрес со јачина од 5,8 степени во Тајван

Дејан Дејан

ЕК обезбеди 50 милиони евра макрофинансиска помош за Mакедонија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе