Вести Свет

Изминативе 24 часа над 430 цивили загинале во израелските воздушни напади врз Газа

Покрај зголемувањето на бројот на воздушни напади врз Газа, израелската армија изминативе 24 часа извршила серија рации длабоко во територијата на појасот. Хамас, соопшти дека во воздушните напади во текот на ноќта загинале 436 палестински цивили, а за израелските рации тврди дека продреле само неколку метри во Газа. Овие ограничени копнени акции, израелската армија ги извршила со цел ликвидирање на отпорот пред очекуваната голема копнена офанзива, но и собирање информации за киднапираните, чиј број денеска повторно го зголемија на 222 лица.

Лоциравме 1.000 тела и заробеници, терористи кои ги задржавме. Повторувам, имаме 1.000 тела и заробеници. Сите се членови на Хамас кои се испрашуваат, идентификуваат и процесираат, како дел од нашите разузнавачки напрои за откривање на исчезнатите и заложниците, изјави портпаролот на израелската армија, адмиралот Даниел Хагари.

Од Западниот брег, премиерот на Палестинската самоуправа, Мохамад Штајех, го обвини Израел за извршување геноцид врз Палестинците во Газа.

Ова е геноцидна војна која се води од цела машинерија на злосторства и варварски колонијален начин на размислување, кој копнее за убивање и ужива во страдањата на невините и децата. Бомбардираат џамии и цркви, обвини штајех.

Израелскиот претседател во интервју за Скај њуз, изјави дека при тие рации кај ликвидиран припадник на Хамас биле откриени инструкции за подготовка на хемиски оружја, кои доаѓаат од Ал Каеда. Херцог ги отфрли тврдењата на хуманитарните организации во Газа дека состојбата во појасот е на критично ниво. Претходно агенцијата на ОН за палестинските бегалци соопшти дека голем број од евакуираните Палестинци започнале да се враќаат во северниот дел од Газа затоа што состојбата во бегалските кампови на југот е неподнослива.

Дел од инфраструктурата и дел од помошта е злоупотребувана од Хамас. Тоа е проблемот. Луѓе, многу е лесно да се обвинува Израел. Потсетете се само каде бевме, што се случи и како имаме право да се одбраниме себеси. Кога ракета која лета 250 километри право во територијата на Израел се испалува од дневна соба на некои луѓе? Со таква ситуација се соочуваме. Ниту еден друг народ не се соочува со тоа. И ако било кој друг народ беше соочен со тоа, верувајте ми, и тие исто ќе нападнеа, рече херцог.

Откако во саботата беше дозволено влез на 20 камиони со хуманитарна помош во Газа преку преминот Рафа на египетската граница, вчера и денеска нема никакви најави за нов конвој. Неколку цистерни за гориво на Обединетите нации вчера излегоа од Газа и се упатија кон складиштето на светската организација во близина на границата, но Израелската армија тврди дека во појасот нема влезено ниту капка гориво. Агенцијата за палестинските бегалци која управува со камповите, во кои стотици илјади Палестинци се сместија од почетокот на војната, соопшти дека има гориво само за уште 3 денови. Истата судбина ја споделуваат и  десетиците болници во Газа. Од вкупно 30 јавни болници, 7 веќе се затворени затоа што немаат гориво за генераторите, прашање на денови и часови е кога останатите 23 ќе го направат истото.

Болницата Ал Акса е единствената држана болница лоцирана во Централната управа, и опслужува околу 320.000 луѓе. По раселувањето во Централната управа на голем дел од северниот дел на Појасот Газа и градот Газа, оваа болница сега опслужува многу пати повеќе од тоа и нема капацитети да ги смести сите пациенти, вели директорот на болницата ал акса во деир ал бала, ијад абу захер.

Министерството за здравство во Газа, кое исто така е управувано од Хамас, соопшти дека од почетокот на војната во израелските воздушни напади досега загинале повеќе 5.000 цивили. 2.055 од нив се деца, 1.119 жени и 217 постари лица. Бројот на повредени, според Хамас надминува 15.000 цивили.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Неексплодирана рачна бомба пронајдена на улица во Демир Капија

Дејан Дејан

Пендаровски се откажа од државна пензија, ќе има канцеларија со тројца вработени

Дејан Дејан

Двојно убиство во скопско Стајковци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе