Властите во Приштина му забранија на поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј и на седумте епископи кои го придружуваат да влезат во Косово, каде што за денеска беше закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќката патријаршија.
На црковната делегација и било забрането да го помине преминот Мердаре, а во забраната се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, се вели во соопштението на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.
Пеќката патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО. Директорот на Канцеларијата, Петар Петковиќ, рече дека, согласно сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „спротивно на сите договори”, косовскиот премиер Албин Курти негирал можност патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поддршка на својот народ и верници.
Забраната на косовските власти на поглаварот на Српската православна црква предизвика бројни реакции во Белград, при што најчеста оценка е дека тоа е „срамен“ и „нецивилизиран чин“, и „уште еден во низата потези со кои официјална Приштина ја покажува својата позиција и нетрпеливост кон Србите и Белград“. Српската православна црква ја оквалификува одлуката како – „неразумна“.