Вести Македонија Топ вести

Мицкоски шокиран, Грковска чека Антикорупциска да каже дали тендерот за „Борис Трајковски“ е законски

Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска очекува Антикорупциската комисија да утврди дали имало трговија со влијание при доделувањето на тендерот од 1,8 милиони евра за реконструкција на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ на фирмата „Еуровиа“.

За нас е важно Државната комисија за спречување на корупцијата, како надлежна институција, да го истражи тоа и да го утврди. Врз основа на нивниот наод, тогаш ќе можеме да одлучиме како ќе постапуваме, изјави Грковска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, шокиран од информациите дека фирма на донатор на ДУИ добива државни тендери, а истата фирма е подизведувач и на американско-турскиот конзорциум „Бехтел&Енка“ за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10д.

Не може за едни да важи правото, за други да не важи правото. Не може ВМРО-ДПМНЕ за ни приближно сличен случај да има замрзнат имот и да се влече по судски ходници повеќе од 5 години, а Обвинителството да е немо за случај во којшто и Државната комисија за спречување на корупцијата вели дека е случај од највисок вид на криминал и корупција, односно за компанијата донатор постои основано сомневање дека добива тендери на сомнителен начин, изјави Мицкоски.

Сопственикот на „Еуровиа“, Елмедин Адеми и фирмите блиски до него се меѓу најголемите донатори на ДУИ. Фирмата го доби тендерот од 1,8 милиони евра за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ, што треба да се одржи во декември, од Министерството за надворешни работи предводено токму од кадарот на ДУИ, Бујар Османи. Тој негираше политичко влијание при изборот.

Антикорупционерите веќе утврдија дека Адеми лани ѝ донирал на ДУИ два и пол пати повеќе од дозволеното, а партијата не му го вратила вишокот во предвидениот рок од две недели, туку многу подоцна, само еден месец пред распишување на тендерот од 1,8 милиони евра.

Вицепремиерот Артан Груби, кој е и координатор за изградбата на автопатите, не негира дека „Еуровиа“ е подизведувач на „Бехтел&Енка“. Вели дека никој не може да влијае врз изборот на подизведувачи.

Нивните процедури се дури и потешки од процедурите предвидени во нашиот Закон за јавни набавки за избор на подизведувачи. Нивна е одговорноста да го изградат патот и кого ќе изберат, рече вчера првиот вицепремиер Груби на почетокот на изградбата на автопатите.

Договорот со „Бехтел&Енка“, исто така, е под лупа на Антикорупционерите поради сомнежи за корупција.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израелска армија: Уште една теренска болница во Газа

Дејан Дејан

Северна Кореја тврди дека оваа година ќе набави нов ракетен фрлач со повеќе цевки

Дејан Дејан

Трамп демантира дека ја предложил Ники Хејли за потпретседател на претстојните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе