Вести Македонија Најважни

Молк на француските дипломати во Брисел за францускиот документ

Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Македонија, меѓу нив е новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни би била усвоена на 23 јуни на Европскиот Совет.

Оваа рамка наводно ги интегрира француските предлози дадени во Софија, и за кои Скопје официјално вели дека не ги добил. Во однос на овој наводен француски предлог, дипломатите од таа земја во Брисел велат дека не можат да ја потврдат неговата автентичност.

Во другите земји членки на ЕУ – сличен молк за сега. За потсетување, новата предлог рамка, треба да биде одобрена од сите 27 земји членки и од Македонија. Политичката ситуација во Бугарија е таа што највеќе загрижува во моментов во ЕУ.

-Се води интензивна и политичка работа бидејќи ситуацијата е неправедна за Македонците. Во однос на суштината не сме далеку, но проблемот е политичката ситуација во Бугарија која е многу влошена, во ситуација сме да треба да брзаме во момент кога владата таму може да падне, вели за МИА дипломат од влијателна западна земја членка на ЕУ.

За содржината пак на предлогот кој е лиферуван во медиумите во Брисел никој не коментира и сите дипломати упатуваат кон нивните престолнини, каде ќе се носат одлуките на национално ниво дали оваа нова предлог-рамка е прифатлива.

Не се исклучува можноста сама земја членка на ЕУ да ја отфрли дури и ако Бугарија и Македонија ја одобрат. Од македонска страна исто така се повторува дека ништо од ова што циркулира не е потврдено или официјално.

За разлика од Португалија која застана зад својот предлог кога беше на чело на ЕУ, Франција ниту потврдува, ниту негира дека на маса има нова идеја за надминување на спорот со Бугарија и деблокирање на ЕУ процесот.

Во меѓувреме лиферуваните документи на француското претседателство во македонската јавност, но и кај повеќемина дипломати во Брисел, предизвикаа загриженост. Иако во нацрт преговарачката рамка се признава македонскиот јазик без фусноти, структурата на рамката, и поточно таканаречениот Акциски План што Македонија би морала да го исполни ако биде усвоен документот, отвора бројни проблеми за познавачите на ЕУ процесите.

Акциските планови, или патокази, се дел од преговарачкиот процес, но за разлика од Црна Гора или Србија, во случајот на Македонија, овој Акциски План се потенцира и подробно се опишува во самата преговарачка рамка, во делот на поглавјата 23 и 24, најклучните, и најтешките поглавја за земја која преговара за членство.

Па така, познавачите на процесите стравуваат дека потенцирањето на деталите од овој Акциски План ќе и даде на Бугарија дополнителна можност, и оправдување, да го кочи процесот и ги вметнува своите барања надвор од она што е предвидено во законите и повелбите на ЕУ.

Во тој поглед потенцирањето на правата на малцинствата во Акцискиот План претставува своевиден преседан во процесот на преговори, барем во поглед на формата.

Содржински, Акцискиот План бара од Македонија да обезбеди заштита на малцинствата и заедниците, преку обезбедување недискриминација, борба против говор на омраза и образование, меѓу другото. Нејасно е исто така зошто е вклучено образованието, експлицитно, токму во овој дел на рамката.

Образованието е посебно поглавје, а впрочем не е ЕУ политика, туку е политика која останува целосно компетенција на земјите членки. Па така во сите преговарачки процеси токму поглавјето за образование и култура е тоа кое прво, и најлесно, се отвора и затвора.

Петков: Не го прочитав францускиот предлог, директно го испратив до бугарското собрание

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина пациентот на кој за прв пат во светот му беше трансплантиран бубрег од свиња

Дејан Дејан

Инаугурацијата на Силјановска Давкова ќе се одржи денеска во Собранието

Дејан Дејан

Истече преодниот рок за почеток на примената на одлуката за укинување на динарот на Косово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе