Вести Македонија

Грковска нема информации дали нашите функционери пријавуваат подароци

Немам информации дали функционерите и државната администрација пријавуваат подароци, добиени на работно место, вели заменичката на претседателот на владата за политики за добро владеење Славица Грковска. Грковска го кажа ова на денешната тркалезна маса „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности“.

Досега до нас не стигнала таква информација. Ако има, за работодавачот. Меѓутоа, кај нас не стигнала таква информација. Не можам да споделам, изјави Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата за политики за добро владеење.

Иако официјално нема информации, лани во октомври А1он објави дека при посетата на Кралството Јордан, шефот на дипломатијата Бујар Османи од неговиот јордански колега Ајман Сафади добил Ајфон 14 со дијаманти чија цена се движи од 2.700 до 6.000 евра. А, членовите на нашата делегација биле дарувани со златен накит. Османи демантираше, а од ДКСК кажаа дека не добиле пријава за подароците од МНР.

Во Македонија, функционерите од централната и од локалната власт имаат строги ограничувања за вредноста на подароците кои што смеат да ги примаат. За вршителите на највисоки извршни функции, лимитот за странски протоколарни подароци е 50 евра, а 20 евра за домашни подароци. А, на стручните и административните службеници им е дозволено да примаат само протоколарни и повремени подароци со мала вредност до 16 евра. Сите подароци треба да се пријавуваат, а тие над прикажаните вредности треба да завршат кај работодавачите, согласно Законот за вработени во јавниот сектор.

Според презентираната компаративна анализа на тркалезната маса, комесарите во ЕУ не смеат да примат подарок со вредност поголема од 150 евра. Во спротивно, треба да ги предадат на протоколот, кој води регистар за предадени подароци и за идентитетот на давателот. За да се спречи можноста за корупција и тргувањето со влијание во спрегата политичари и бизнисмени, Македонија на барање на Групата држави против корупција- ГРЕКО, ќе подготви регулатива за примање подароци од функционерите, за што веќе се разговарало во Владата.

Заклучокот беше дека треба да видиме како е тоа регулирано во земјите членки на ЕУ, за да можеме да видиме кој е најдобриот модел за кај нас , за да бидеме усогласени, додаде Грковска.

Антикорупциска лани издаде упатства за постапување со подароци, погодности и гостопримство во јавниот сектор. Тие имаат за цел да им се помогне на институциите да подготват свои интерни акти за да се уреди оваа материја. Според анализата, во Словенија и Литванија функционери може да се примаат подароци до 150 евра, во Црна Гора до 50, во Хрватска до 66 , а во Канада до 137 евра.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израелска армија: Уште една теренска болница во Газа

Дејан Дејан

Северна Кореја тврди дека оваа година ќе набави нов ракетен фрлач со повеќе цевки

Дејан Дејан

Трамп демантира дека ја предложил Ники Хејли за потпретседател на претстојните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе