Вести Македонија

Собраниско чекорење со препреки

97 пратеници денеска се потпишаа дека дошле на работа. Оние што живеат во други градови, ќе си земат и патни трошоци. А сите заедно, не донесоа ниту еден закон ниту било каква одлука. Така беше и вчера: ништо не беше изгласано освен дневниот ред на новата седница, иако работеа до 3 по полноќ.

Во салата беше најраздвижено околу 11, кога требаше да почне седницата. Потоа, опозициските пратеници еден по еден си заминаа, оставајќи ги владеачките партии самите да си направат кворум за работа. Се покажа дека тоа не е толку лесно и покрај напорите на спикерот и на координаторите. Затоа, Џафери ја прекина штотуку отворената седница.

Подоцна, со посебно соопштение Џафери нагласи дека токму пратениците кои се предлагачи на поголем дел од предложените закони, не дошле да ги образложат материјалите.

И вчерашната седница се одвиваше во полупразна сала. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои целиот ден имаа бројни дискусии и процедурални забелешки, велат дека СДСМ и ДУИ вечерта не биле присутни во Собранието, а Џафери демонстрирал доминација и самоволие.

Ова е 10-та седница прекината среде дискусија. Тоа е недозволиво однесување и приватизирање на законодавниот дом од страна на Талат Џафери. Очигледно, тој не е во состојба и не е способен да води седници и да ја менаџира работата на Собранието согласно Деловникот, напиша Мицевски.

ВМРО ДПМНЕ веќе поднесе интерпелација за Џафери поради заклучувањето на пратениците во салата и поради навредите кон собраниските служби. Пријавата за тешко прекршување на Кодексот завчера пропадна поради неизгласан дневен ред во надлежната комисија. За сега, неизвесно е кога ќе се расправа за работата на Џафери, а неизвесно е и кога ќе се донесат 30-тина закони и одлуки, ставени на дневен ред на вчерашната и на денешната седница.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Балансерот мора да остане, иако е злоупотребен од сите страни – Таравари во „Топ тема“

Дејан Дејан

Дипломатската потсекретарката на САД Елизабет Ален ќе допатува во Македонија, Србија, БИХ и Косово

Дејан Дејан

Таравари во „Топ тема“: Гледам светло на крајот на тунелот за уставните измени, до 2028 година можеме да бидеме и полноправна членка на ЕУ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе