Вести Свет Топ вести

Климатската конференција во Египет во неслога, ЕУ се закани со напуштање на преговорите

Климатската конференција во Египет влезе во продолженија поради неслога меѓу учесниците. Настанот во Шарл ел Шеик почна пред две недели и требаше да заврши во петокот, но преговарачите си дадоа екстра време за викендот во обид да дојдат до договор. Отворени останаа три главни области, а пред сè за формирање на фонд за сиромашните земји кои се тешко погодени од климатските промени.

Европската Унија се закани дека е подготвена да ги напушти преговорите за климата ако нема договор кој, сепак, верува дека ќе биде постигнат.

„Мора да одиме напред, а не назад. Сите министри на ЕУ се подготвени да заминат ако немаме резултат кој одговара на она што светот го чека – да сториме нешто во врска со оваа климатска криза. Веруваме дека позитивен резултат сè уште нѝ е на дофат, но загрижени сме за некои работи кои ги видовме и слушнавме во последните 12 часа“, нагласи Франс Тимерманс, висок претставник на ЕУ за климатска политика.

Предупредувачки тонови доаѓаат и од германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок. Според неа, одговорноста за судбината на разговорите за климата во Обединетите Нации „сега лежи во рацете на египетското претседателство на конференцијата“.

Претседавачот со климатскиот Самит и шеф на египетската дипломатија, Самех Шукри потврди дека тој лично е автор на неколку нови текстови со предлози за договори за спорните прашања и ги доставил до релевантните страни. Тој апелираше до присутните да покажат лидерство и да најдат сили за да продолжат напред.

Камен-темелник на борбата против климатските промени е Парискиот договор од 2015 година кој повикува на ограничување на глобалното затоплување под два Целзиусови степени во споредба со прединдустриската ера, па ако е можно на 1,5 степени Целзиусов, што беше потврдена цел на климатскиот состанок во Глазгов лани.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Груевски се жали во судот во Стразбур за предметот „Тенк“ – објавено на што се однесува апликацијата и прашањата што треба да ги одговори државата

Дејан Дејан

Две години затвор за медицинска сестра на Онкологија за проневера на лекови – Апелација ја потврди пресудата, таа е во бегство

Дејан Дејан

Summer job како испомош во Бон- како МНР ја испрати поранешната ТВ водителка Бесмира Ејупи во дипломатска мисија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе