1.Глетување на стари ѕидови – 1770 денари за квадрат, кречење 1180 денари за метар квадратен. За новите ѕидови од гипс картон, глетувањето било 2124 денари за квадрат, но кречењето било само 1060 денари за метар квадратен. Ова се дел од цените за одржување кои ги платил Фондот за пензиско осигурување во 2022 година, неколкупати повисоки од пазарните. Тендерот сепак го добила најевтината фирма.
Шемата е следна: На тендерот за барале 12 различни типови на услуги. Фирмата што победила понудила најниски цени за останатите услуги и највисока цена за молерските работи. На крај нивната вкупна цена била најниска. Фондот за пензиско потоа од нив барал само кречење и уште неколку услуги, кои ги плаќал три до 11 пати поскапо од цените кои ги понудила конкуренцијата. Ревизорите затоа препорачуваат деливост на набавките. За деталите од ревизорскиот извештајот од прилогот на Срѓан Стојанчов.
2.Наместо да поевтини услугата за државата, поради огромен број пропусти со процесот на дигитализацијата, за секој документ или услуга издаден преку електронскиот портал, Македонија плаќа по над 200 евра. Ова се пресметките на Државниот завод за ревизија кои го скенираа работењето на е-порталот за услуги. Или попластично објаснето, државата платила над 12.800 денари за еден граѓанин да добие извод од државјанство, а истиот граѓанин уплатил само 150 денари колку што чини услугата за издавање.
Преку електронскиот портал може да се бараат 95 услуги, а 30 од тие можни дигитални услуги од државната администрација никогаш не биле побарани од ниту еден граѓанин. Еден од главните проблеми е и што нема никаква промоција на услугите кои наместо на шалтер може да се добијат дигитално и по електронски пат.
Во Охрид пак на пример каде што има таканаречена Една точка за услуги -ЕТУ, каде граѓаните може да побараат помош за да добијат услуга по електронски пат, има 5-мина вработени кои на месечно ниво даваат помалку од една услуга. Или секој од вработените во охридската „Точка“ месечно услужува по 0,18 граѓани. Што стои зад овие бројки од ревизорскиот извештај и кој ја кочи дигитализацијата на државните услуги, од прилогот на Миомир Серафиновиќ.
3.Нема повеќе губење време на шалтери беше главната порака на Владата во декември 2019 кога се промовираше новата верзија на Националниот портал за електронски услуги, но дали навистина се намалија турканиците? Оттогаш поминаа 5 години, а последниот ревизорски извештај нотира дека дигитализацијата е бавна, недоволно промовирана и има слаба искористеност на Е-услугите.
За наодите од извештајот и дали дигитализацијата донесе поефикасни, целосни, квалитетни електронски услуги со пониски цени за граѓаните, Марија Митевска разговараше со ревизорот Сашо Јаковчевски.
Емисијата „Дупка без дно во ПИОМ кој врти големи тендери, скапа дигитализација со скромен успех“ е прикажана на 09.06.2024. на ТВ Телма.