Вести Македонија Топ вести

Нови лица и политички ветерани, во новата влада само три жени

Комбинација од партиски ветерани, долгогодишни функционери, но и нови лица во високата политика се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за министри во новата влада на Христијан Мицкоски.

Од 15 члена во владата, кои доаѓаат на предлог на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 12 се предлози на партијата, а тројца од помалите коалициски партнери. Само три од предложените 15 кандидати се жени.

33 години е разликата меѓу највозрасниот и најмладиот министер. Стефан Андоновски, роден во 1991 година, е предложен за министер за информатичко општество и дигитална трансформација. Пошироката јавност го запозна како дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација.

Нова министерка за образование е 66-годишната Весна Јаневска, професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Таа беше пратеничка од 2002 до 2006 година, но по партискиот раскол стана дел од ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски. По враќањето во „старото јато“ сега добива министерска функција.

Сите четворица партиски потпретседатели се селат во влада.

Еден од најискусните е Александар Николоски, кој ќе биде вицепремиер и министер и транспорт и врски. И покрај тоа што има 40 години, Николоски има 18 години пратеничко искуство, откако беше избран за пратеник во 2006 на 22-годишна возраст.

Новиот министер за одбрана Владо Мисајловски беше министер за транспорт и врски од 2015 до 2017 година, откако Миле Јанакиески поднесе оставка по објавувањето на таканаречените бомби. Од 2020 година е пратеник.

Универзитетскиот професор Тимчо Муцунски ќе биде министер за надворешни работи. Од 2015 до 2017 беше заменик министер за информатичко општество, во 2020 беше избран за пратеник, но го напушти пратеничкото столче во 2021, кога беше избран за градоначалник на Аеродром. И покрај критиките за водењето на општината, 35-годишниот Муцунски е унапреден во државната власт поради добрите релации со меѓународниот фактор.

Ново лице во високата политика е Гордана Димитриевска Кочоска, која ќе го предводи ресорот финансии. Таа работела како директор за финансии во ЕЛЕМ кога таму директоруваше идниот премиер Мицкоски.

За внатрешни работи ќе биде досегашниот технички министер Панче Тошковски. Адвокатот, кој ја застапуваше и државната енергетска компанија во времето на Мицкоски, за време на техничкиот мандат, во кој требаше да се справи со „пасошката криза“, очигледно ја заработил довербата на новиот премиер.

Ресорот земјоделие ќе го предводи Цветан Трипуновски кој во два наврати беше дополнителен заменик во оваа министерство – пред изборите во 2020 и сега во 2024 година. Има и пратеничко искуство.

Ново лице во политиката е предложената министерка за енергетика Сања Божиновска – експерт за енергетика од Прага, со меѓународно искуство во трговијата со струја.

Актерот Зоран Љутков ќе биде министер за култура и туризам, а ракометарот Борко Ристовски ќе биде на чело на новото министерство за спорт.

Златко Перински ќе биде на чело на ресорот локална самоуправа. На пошироката јавност и стана познат како директор на скопски водовод, кој беше разрешен кога се растури калимерата меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Тиквата пукна поради тендерот за пречистителната станица вреден 136 милиони евра, кога Арсовска му упадна на пресот на Перински. Подоцна таа рече дека „го фатила директорчето со рацете во медот“, иако не го спомена лично.

Меѓу највозрасните во владата ќе бидат предлозите од коалиционите партнер. Лидерот на социјалистите Љупчо Димовски ќе биде вицепремиер за политички систем. Од 2009 до 2014 беше министер за земјоделство, а оттогаш е пратеник. Беше амнестиран за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, но за разлика од другите амнестирани пратеници не гласаше за промена на името. Во 2019 година против него и други лица беше отворена истрага за доделување земјоделска помош и давање под закуп на државно земјоделско земјиште со што наводно направиле штета од 1,4 милиони евра.

Лидерот на Демократските сили на Ромите Шабан Салиу ќе се грижи за интеграција на Ромите. Тој беше пратеник и директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ ќе биде министер за односи меѓу заедниците. Тој е пратеник веќе 22 години, откако првпат беше избран во 2002 година. Медиумите уште во 2017 година пишуваа за врски на Стоиљковиќ со српските служби, како и за врски со руски структури. Во 2016 година, тој во Москва ја потпиша Декларацијата за соработка со путиновата „Единствена Русија“.

ЗНАМ ги доби министерствата за правда и за администрација, а во фотелјите седнуваат Игор Филков и Горан Минчев, кој има и пратеничко искуство како пратеник на СДСМ.

Од министрите на Коалицијата Вреди, политички ветеран е предложениот министер за екологија Изет Меџити, а искуство во високата политика има и Арбен Таравари, кој ќе биде министер за здравство. Поранешниот директор на МЕПСО Орхан Муртезани ќе биде министер за европски прашања.

За социјала и демографија е предложен Фатмир Лимани, а за економија Бесар Дурмиши.

Арбен Фетаи треба да биде вицепремиер за добро владеење.

 

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО/ФОТО) Изгаснат пожар во Лисиче. Можел да зафати и куќи

Дејан Дејан

Триесет членови, 24 министерства и седум потпретседатедели – Црна Гора има нова влада

Дејан Дејан

Убиство на гостиварско Дебреше – застрелан помлад жител на селото

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе