Свет Топ вести

Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итна седница за Нагорно-Карабах

Советот за безбедност на Обединети нации на барање на европските држави денеска ќе одржи итна седница за Нагорно-Карабах, каде во тек е судир помеѓу ерменската и азербејџанската војска.

Германија и Франција ја поднесоа иницијативата, а беа поддржани и од Естонија, Белгија и Велика Британија. Седницата на СБ ќе се одржи зад затворени врати.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан телефонски разговараше со генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш за состојбата во спорниот регион Нагорно Карабах, соопшти синоќа прес-службата на ерменската Влада.

Никол Пашинјан подвлече дека сегашната ескалација, за разлика од изминатите години, се карактеризира со многу активна и пристрасна позиција на Турција и нејзино директно дестабилизирачко присуство во акциите на Азербејџан, се вели во соопштението.

Како што пренесува агенцијата ТАСС, Гутереш изразил длабока загриженост за актуелната криза и случувањата, посочувајќи на потребата од продолжување на мировниот процес во рамките на  групата на ОБСЕ од Минск.

Шефот на ОН разговараше и со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, повикувајќи на итен прекин на огнот во Нагорно Карабах.

Претходно, ерменското Министерство за надворешни работи тврдеше дека „турски инструктори војуваат“ во Нагорно Карабах од азербејџанска страна. Покрај тоа, соопштено е дека има докази дека Анкара регрутира платеници „во некои земји од Блискиот исток“.

Портпаролот на генералниот секретар на ООН, Стефан Дижарик изјави дека организацијата не може самостојно да ја потврди вистинитоста на ова тврдење дека Турција се меша во конфликтот околу Нагорно Карабах и повика да одобри пристап до набљудувачката мисија на ОБСЕ во зоната на конфликтот.

Баку на 27 септември соопшти дека Ерменија ги гранатирала позициите на азербејџанската армија, а Ереван тврди дека азербејџанските вооружени сили започнале офанзива кон Нагорно Карабах, гранатирајќи ги регионалните населби, вклучително и главниот град Степанакерт. Двете страни пријавија жртви, вклучително и цивили. И Ерменија и Азербејџан прогласија вонредна состојба и мобилизираа трупи.

Ерменија и Азербејџан со децении се борат за Нагорно-Карабах, област претежно населена со Ерменци, која за време на СССР беше припоена кон Азербејџан.

Во судирите за контрола врз Нагорно-Карабах во периодот од 1988 до 1994 година загинаа 30.000 луѓе, а повеќе стотици илијади луѓе ги напуштија своите домови. Во 1994 година потпишано е примирје, но Баку и Ереван не се договорија за правниот статус на спорната област, која официјално и понатаму е дел од Азербејџан. Оттогаш има спорадични судири во Нагорно-Карабах, што се наоѓа помеѓу Иран, Русија и Турција.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Најмногу гласови во Белград, Нови Сад и Ниш – СНС прогласи победа на локалните избори во Србија

Дејан Дејан

Тешко повреден затвореник во Идризово – тепачка меѓу две групи во затворот

Дејан Дејан

Град во Демир Капија – делови од општината без струја по невремето

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе