Вести Свет Топ вести

Предизборната кампања за британските избори почна веднаш по нивното распишување

Веднаш по распишувањето на изборите, британскиот премиер Риши Сунак ја започна кампањата, обидувајќи се да ја преземе инцијативата. Синоќешното соопштување на датумот на изборите дојде како изненадување, затоа што поголемиот дел од јавноста и политичките опоненти очекуваа, и се надеваа, дека тие ќе се одржат наесен.

Значително заостанувајќи зад главниот конкурент, Лабуристичката партија, Сунак вчера одлучи максимално да ги искористи малкуте добри вести од економијата и веднаш тргна во напад.

Кому му верувате овие основи да ги претвори во безбедна иднина за вас, вашето семејство и нашата држава? Сега е моментот Британија да ја избере својата иднина, да одлучи дали сакаме да го надградиме напредокот кој го постигнавме или да се вратиме на почеток. Сега, сите знаеме дека единственото сигурно со Лабуристите е дека ќе ги потрошат парите и ќе ги зголемат даноците, рече синоќа.

Обвинуван за неодлучност во тешките прашања, Сунак реши да тргне храбро. Но, тоа е затоа што му е повеќе од јасно дека задачата која ја има пред себе, да го продолжи 14 годишното ториевско владеење за уште нови 5, се граничи со невозможно.

Мислам дека за повеќето гласачи основите се најважни, а тие основи не изгледаат особено добро за премиерот. Економијата, што и да вели тој, сѐ уште е прилично слаба, растот е прилично анемичен, инфлацијата се намали, но сѐ уште ја има, оцени професорот по политички науки Тим Бејл.

Лабуристите, секако, препочитаа избори на есен надевајќи се дека самоуништувачката тенденција на Ториевците ќе продолжи, но иако Сунак на почетокот ја зграби иницијативата, тие се сепак поподготвени за нив.

Нашата понуда е да се рестартираат и економијата и политиката за повторно да служат на интересите на работничкиот народ. Целосно го отфрламе ториевското гледиште дека економската сила е некаков дар од тие на врвот. Изминативе 14 години, во текот на сите кризи со кои се соочивме, застапувањето на таа идеа ја направи нашата држава изложена, несигурна и неспособна да го оствари потенцијалот на секоја една заедница. Но, гласот за Лабуристите е глас за вртење на нова страница, порача лабуристичкиот лидер Кир Стармер.

Според најновите анкети поддршката за Лабуристите е повеќе од двојно поголема од таа на Ториевците, и иако Кир Стармер не ја поседува харизмата на Тони Блер, тоа им дава надеж да сонуваат дека ќе се повтори 1997 година.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со месеци уценувал кумановка и земал 16.000 евра со закани

Дејан Дејан

Го фатија разбојникот, му го нашле и купот пари кои ги украде од банка во Скопје

Дејан Дејан

Алтернатива: Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе