Вести Македонија Најважни

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, нема да се пресели на „Илинденска“ во Скопје

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев, нема да се пресели на „Илинденска“ во Скопје. По шпекулациите дека добил понуда да стане министер за локална самоуправа, потврдува дека, со мандатарот Христијан Мицкоски разговарале за можноста да добие повисока функција во владата, но тврди дека, на крај се договориле, во интерес на партиската и идната владина програма, да остане уште една година на чело на општина Кавадарци.

Останувам да ја водам општина Кавадарци како градоначалник. Ова значи дека, преку локалното делување, а во соработка со идната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжам да ги поддржувам сите активности, проекти и програми, кои ќе придонесат кон подобар стандард и квалитет на живот, рече Јанчев.

Имињата на останатите министри од ВМРО-ДПМНЕ се очекува јавноста да ги дознае утревечер, по седниците на Извршниот, а потоа и Централниот комитет на партијата.

Решенијата со денови се договараат меѓу работните групи на коалиционите партнери, но досега коалицијата „Твоја Македонија“ објави само дека ќе ги предводи ресорите МВР, МНР, одбрана, финансии, транспорт и врски, образование, култура, земјоделство, енергетика, локална самоуправа и политички систем.

Неофицијално, за министри, покрај потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, Тимчо Муцунски, Владо Мисјаловски и Гордана Димитровска Кочовска, се подготвуваат и Панче Тошковски, Сања Божиновска, Весна Јаневска, Стефан Андоновски, Цветан Трипуновски, Зоран Љутков и Борко Ристовски.

Министерството за етнички заедници, како и уште две без ресор ќе ги добијат помалите коалициони партнери.

Екс директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани, се подготвува за министер за европски прашања од „Алтернатива“, но Централното претседателство на партијата вечерва ќе ги потврди нивните кандидати.

Од движењето „Беса“ завчера соопштија дека, Фатмир Лимани ќе им биде кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, додека Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.

Од „ВРЕДИ“, Арбен Таравари ќе биде кандидат за министер за здравство, а во фотељата за добро владеење ќе седне Арбен Фетаи, кој долги години живеел и работел во Белгија. Изет Меџити потврди дека тој ќе биде вицепремиер и министер за екологија.

Од движењето „ЗНАМ“ синоќа објавија дека за министер за правда го предлагаат Игор Филков, а за министер за јавна администрација, Горан Минчев.

Филков е приватен сопственик, управител на „Спектрум Медикал“ Скопје, претседател на Управниот одбор на партијата. Минчев им е Генерален секретар, инаку поранешен пратеник од СДСМ.

Предлогот за нова влада треба да биде доставен во Собранието во вторник, а изборот е најавен за следниот викенд.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ВИДЕО/ФОТО) Изгаснат пожар во Лисиче. Можел да зафати и куќи

Дејан Дејан

Триесет членови, 24 министерства и седум потпретседатедели – Црна Гора има нова влада

Дејан Дејан

Убиство на гостиварско Дебреше – застрелан помлад жител на селото

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе