Вести Македонија Топ вести

Мицотакис: Пријателите во Северна Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период, време е да станат сериозни

Нашите пријатели во Северна Македонија треба да сфатат дека заврши предизборниот период, дојдено е време да станат сериозни, да го почитуваат меѓународниот договор, доколку ги интересира да останат на европскиот пат, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи за телевизијата „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Кога имаме прашања, како на пример со нашите северни соседи, ги решаваме со сериозност, јасно поставувајќи црвени линии, разјаснувајќи дека Договорот од Преспа треба да се почитува, иако не се согласувавме со многу негови аспекти и дека во прашањето за името ние во никој случај нема да отстапиме. Името на земјата е „Северна Македонија“ и сè додека некои продолжуваат да ја именуваат „Република Македонија“ да знаете дека ќе бидеме наспроти нив“, рече Мицотакис.

Посочи дека прашањата во Договорот што се однесуваат на името не се менуваат, но дека „постои можност за разговараме за иднината на договорот“ и истакна дека она што тие можат да го сторат е да извршат „голем притисок врз Скопје и врз власта да сфатат дека оваа политика на крајот ќе ги одведе во меѓународна изолација и мислам дека не го сакаат тоа“.

Говореше за можноста да се извршат и големи меѓународни притисоци, споменувајќи ги реакциите веднаш по инаугурацијата на претседателката, за кои рече дека биле резултат на грчките интервенции, потенцирајќи дека во овој момент Грција не е сама.

„Грција во овој момент не е изолирана, Скопје е изолирано. И мислам дека на крај ќе сфатат дека оваа политика е безизлезна и верувам дека ќе се прилагодат на притисоците што ќе им бидат извршени и мислам дека е добро тоа, бидејќи ние сакаме добри односи со нашиот северен сосед, вчера бев во Лерин, соседна земја е, ние инвестираме во Северна Македонија“, истакна Мицотакис за „Опен“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Го фатија разбојникот, му го нашле и купот пари кои ги украде од банка во Скопје

Дејан Дејан

Алтернатива: Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања

Дејан Дејан

Петти меѓународен транспорт на медицинскиот хеликоптер

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе