Владата не е задоволна од менаџирањето на директорот Јани Макрадули со „Пошти„.Ова може да се заклучи од кусиот одговор на владиниот портпарол, на новинарско прашање за причините за вчерашното неочекувано разрешување, без образложение.
Макрадули е разрешен само пет дена откако договори покачување на платите за вработените, кои минатата штрајкуваа на работните места. На новинарско прашање, дали разрешувањето на Макрадули има некаква врска со случајот на поранешниот секретар на владата, Мухамед Зекири, портпаролот го повтори истиот одговор. Зекири е во притвор токму поради изигрување на тендерска постапка за консултантски услуги за приватизација на „Пошти„, при што незаконски биле присвоени 145.000 евра.
Во краткиот телефонски разговор и Макрадули негираше дека има поврзаност со случајот Зекири. Ги негира и шпекулациите дека ќе замине на друга директорска функција, но не сака да дава официјална изјава.
На негово место доаѓа Васко Стефанов, досегашен заменик-директор на Агенцијата за вработување.
Од владата тврдат и дека директорот на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски,е разрешен на свое барање, од лични причини. На негово место доаѓа досегашната претседателка на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска, која, пак, ќе биде заменета од досегашниот генерален секретар во истиот совет, Даниела Рендевска.
Далиборка Демјанска
