Македонската машка ракометна репрезентација до 20 години ја запиша првата победа на Европското првенство во Романија. Во разигрувањето за пласман, нашите младинци ја совладаа Летонија со 35-31.
Мики Лазов беше најефикасен во македонскиот состав со девет гола од исто толку удари. Лука Ѓорѓиевски постигна осум погодоци, а голманот Ѓорѓи Николовски запиша десет одбрани.
Кај Летонија се истакна Валдис Калнинш, кој одигра одличен натпревар и постигна дури 17 гола од 25 удари.
За македонската селекција ова беше премиерна победа на турнирот. Во групната фаза запиша три порази од Данска, Хрватска и Норвешка, а во првиот натпревар од разигрувањето за пласман загуби и од Австрија.
Македонија настапот на Европското првенство ќе го продолжи во разигрувањето за пласман од 17. до 24. место.
