Во Кочани се одржа гастрономскиот настан „Шпански денови на вкусот“, кој преку храната ги спои македонската и шпанската традиција. Во центарот на вниманието беше кочанскиот ориз – производ по кој градот е препознатлив и надвор од границите на државата. Настанот донесе вистинска фузија на вкусови и култури. Шпанските шефови подготвија три различни видови паеља – едно од најпознатите јадења во шпанската кујна, кое потекнува од Валенсија и традиционално се подготвува кога семејството е собрано на заеднички неделен ручек. Од Општина Кочани велат дека веднаш ја прифатиле идејата да бидат домаќини на ваков настан.
„Со големо задоволство го прифативме овој повик затоа што сакавме да бидеме добри домаќини бидејќи Кочани е познат токму по оризот“, рече Голубинка Георгиева, од општина Кочани
Шефовите подготвија три рецепти со ориз. Првиот беше направен според оригиналната шпанска рецептура, додека останатите две верзии беа комбинација од шпански техники и македонски производи. Едната паеља беше со пилешко и зајачко месо, а другата со морски плодови, со цел посетителите да можат да ги споредат различните вкусови. Готвењето се одвиваше во голем железен сад. По додавањето на маслиново масло и зачините започна подготовката на специјалитетот. За да се скрати времето на готвење, беа употребени полуготови продукти, па наместо вообичаените два часа, јадењето беше подготвено за околу половина час. Најголемо внимание привлекоа учениците од училиштата од Кочани, Штип и Кратово. Уште од самиот почеток тие се приклучија во подготовката, љубопитни да научат нешто повеќе за шпанската гастрономија. Додека паељата се крчкаше, околу бината почна да се шири препознатливиот мирис на ориз, зачини и морски плодови, привлекувајќи се повеќе посетители. Шпанскиот шеф, кој за првпат ја посетува Македонија и Кочани, вели дека е воодушевен од оризовите полиња што ги видел во регионот. Според него, тие многу го потсетуваат на пределите од неговата земја.
„Публиката беше прекрасна и многу отворена. Воодушевен сум. Тоа што ми се допадна највеќе е тоа што имавме млади ученици од кулинарско училиште кои беа тука со нас. Тие учествуваа активно и дури некои од нив учествуваа во процесот на готвење. Почуствував добра енергија и желба да бидат дел од овој настан“, изјави шеф Луис Аруфат
На самиот крај од подготовката беше додаден оризот, по што следуваше постојано мешање за да се добие препознатливата текстура на паељата. Токму оваа задача им беше доверена на учениците, кои одблиску го следеа секој чекор од процесот.Откако последните порции беа сервирани, посетителите нестрпливо застанаа во ред за да го вкусат подготвеното јадење. А токму преку храната, велат организаторите, најлесно се споделуваат традициите и искуствата меѓу народите.
„Сакавме со шефовите да им покажеме на кочанчани некои нови техники, да може да размениме гастроносмка култура. И со тоа да покажеме дека оризот е едно бело злато, кое се користи многу скромно“, рече Филип Чаловски, „180 степени“ кулинарско натпреварувачко шоу на Телма.
Пораката од организаторите на настанот е дека кочанскиот ориз е исклучително квалитетна суровина, вистинско „бело злато“, кое има многу поголем потенцијал отколку што вообичаено се користи во секојдневната исхрана.
Тамара Марковска
