Вести Македонија Топ вести

И Мицкоски со став дека Протокол со Бугарија не е дел од Преговарачката рамка

Протоколите од Договорот за добрососедство со Бугарија не се дел од Преговарачката рамка со Европската унија, е став на премиерот, Христијан Мицкоски, според кого тоа е став и на целата влада.

Изјавата на Мицкоски дојде како потврда на ставот на шефот на диломатијата, Тимчо Муцунски, кој во петокот рече дека во содржината на Преговарачката рамка нема ниту експлицитна, ниту имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени, што пак е дел од вториот Протокол со Бугарија, кој според него не е  дел од Преговарачката рамка.

„Апсолутно дека ние како влада го делиме ставот дека протоколте не се дел од преговарачката рамка. Но за жал другата страна, односно бугарската страна, тврди дека се тие дел и дека тие потпишале таков договор со претходната влада, во којшто од претходната влада им било ветувано се и сешто. Но ние како влада не цениме дека протоколите се дел од Преговарачката рамка и не треба да бидат дел од Преговарачката рамка“, рече Мицкоски.

Изјавата на Муцунски дека Протоколот не е дел од Преговарачката рамка, во јавниот дискурс повторно како опција за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија ги врати уставните измени со одложено дејство. Претходно таков став беше изнесен и од претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова.

Но, на ваквите тврдења дека Протоколот со Бугарија во кој се бара прво уставни измени па отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ, не е дел од Преговарачката рамка, засега нема став од највисоките државни претставници зошто досега не е пристапено кон носење на уставни измени со одложено дејство за да се деблокира европскиот пат.

Инаку во Преговарачката рамка во точка 5 се наведува дека  напредокот на Македонија за пристапување во Унијата ќе се мери и според спроведувањето на  билатерални договори, меѓу кои и Договорот за добрососедство, како и годишните прегледи и мерки за негово ефикасно спроведување согласно член 12 од Договорот.

Членот 12 од Договорот со Бугарија пак предвидува формирање на меѓувладина комисија меѓу Скопје и Софија која ќе ја следи ефективната примена на Договорот, која пак Комисија усвои втор Протокол за спроведување на Договорот, во кој јасно се наведува дека Бугарија ќе се согласи земјава да ги продолжи преговорите за пристапување во ЕУ кога во Уставот ќе бидат вклучени и Бугарите.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Заболените од западно-нилска треска се од Скопје и сите не патувале надвор од државата – регистрирани се и заразени од маларија, Денга-треска и Зика

Sonja Petrusevska

Ризикот од бран постапувања останува висок

Kristina Kuzmanovski

Главната цевка на водоводот во Гостивар била преместена за проектот Коридор 8 на Бехтел и Енка во мај годинава

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе