Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години стартуваше со победа против домаќинот Словачка на Европското првенство Б-дивизија. Утре нашиот тим ќе атакува на уште еден триумф, против селекцијата на Република Ирска.
Македонија доминираше во најголем дел од натпреварот, со исклучок на првата четвртина, која ја загуби со 15-17. На полувремето нашите кошаркари веќе имаа двоцифрена предност од 13 поени, односно 41-28.
Во третиот период Македонија стигна и до највисоки +23, но Словачка успеа да ја намали негативата. Сепак, нашите надежи не дозволија сензационален пресврт и со сигурна игра дојдоа до победа од 71-63.
Коста Ќириловски со 15 поени беше најефикасен во македонскиот состав. Марко Луканоски реализираше 11 поени и додаде 9 скока, а двоцифрен беше и Давид Петрушевски со 10 поени.
Утре Македонија во рамки на второто коло во групата А, од 13:30 часот, ќе ги одмери силите со селекцијата на Ирска.
ФОТО: ФИБА
