Извршниот одбор на Народната банка на редовната седница одлучи да ја задржи основната каматна стапка на 4,25 проценти, оценувајќи дека и натаму постои висока неизвесност во домашното и меѓународното економско окружување.
Одлуката следува по зголемувањето на каматната стапка во јуни и се темели на најновите макроекономски показатели и проценките за инфлацијата и девизниот пазар.
Од Народната банка информираат дека девизните резерви остануваат на сигурно ниво и на крајот на јуни изнесувале 4,936.4 милиони евра, додека годишната инфлација се намалила на 3,4 проценти.
Сепак, институцијата предупредува дека геополитичките тензии, повисоките цени на енергентите и неизвесноста на светските пазари и понатаму претставуваат ризик за идното движење на цените.
Домашната економија продолжува да покажува отпорност, со раст на БДП од 3,1 процент во првиот квартал и позитивни показатели за вториот квартал.
Народната банка најави дека и натаму внимателно ќе ги следи економските движења и е подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти за зачувување на стабилноста на девизниот курс, ценовната стабилност и финансискиот систем.
