Еурофарм Пелистер ги доби противниците во групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Македонскиот вицепрвак ќе игра против екипи од три големи ракометни земји – Германија, Шпанија и Полска.
По три последователни сезони во Лигата на шампионите, битолчани претстојната сезона ќе настапуваат во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Најсериозен и веројатно најтежок ривал на Еурофарм Пелистер во групата Г ќе биде германскиот Гумерсбах. Во истата група се најдоа и шпанскиот состав Логроњо Ла Риоха и полскиот Гдањск.
Групната фаза почнува на 29 и 30 септември, а шестото и последно коло ќе се одигра на 1 и 2 декември. Првопласираните две екипи од сите осум групи ќе продолжат во плејофот, каде што ќе им се приклучат тимовите што ќе завршат на третото и четвртото место во групите од Лигата на шампионите.
