Вести Економија Македонија

Ризикот од бран постапувања останува висок

Сè уште постои висока неизвесност и ризици за разгорување на инфлацијата, соопшти Народната банка, која одлучи да ја задржи актуелната основна каматна стапка на ниво од 4,25%. Во јуни инфлацијата забави на 3,4%, но според Народната банка тоа делумно е резултат на високата споредбена основа од минатата година.

Инфлацијата и натаму е на релативно повисоко ниво, а увозните цени сѐ уште се високи и нестабилни, во услови на одолжена неизвесност поради геополитичките случувања. Притоа, најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација, а неизвесноста и ризиците поврзани со идната динамика на светските цени на примарните производи и натаму се изразени, особено поради повторната ескалација на воените дејствија“, пишува во соопштението од Народната банка.

Народната банка посочува дека неизвесноста однадвор може да се пренесе врз домашните цени. Тоа веќе се покажа вчера, кога Регулаторната комисија за енергетика ги покачи цените на горивата, но и на парното, кое од август поскапува за околу 6%, што за стан од 60 квадрати би значело повисока сметка за 140 денари.

Откако вчера реагираше опозициската СДСМ, посочувајќи дека сè се зголемува, освен платите, денеска критики упатија и од „Левица“, кои бараат Владата да ги заштити домаќинствата со ниски приходи, но и конечно да се спроведе барањето на Енергетската заедница парното да се плаќа според реалната потрошувачка, а не според квадратурата.

Денес, кога Мицкоски е премиер, за само осум месеци им приреди на скопјани две последователни поскапувања – 5,9% од декември 2025 година и нови 5,96% од август 2026 година, односно кумулативно зголемување од приближно 12,2%. Додека беше во опозиција, поскапувањето беше грабеж. Откако седна во премиерската фотелја, грабежот доби ново име: ‘минимална корекција’ и ‘најниска цена во регионот’, реагираат од политичката партија „Левица“.

Премиерот е дециден – Македонија има најевтини горива и идната недела очекува поголемо поевтинување на горивата. Вели, Владата веќе интервенираше со акцизи, мерка која трае до крајот на месецов, по што ќе се разгледаат опциите за дополнителни мерки.

Веќе во понеделник ќе направиме пресек практично за втората половина од месецот и врз основа на тие параметри ќе се делува на цената на нафтените деривати. Добро е што два дена по ред паѓа цената, денеска се стабилизира некаде околу 85-86 долари за барел, така што веќе следната недела очекувам поголема намалување на цената на дизелот и на бензините. Но, она кое што е важно е дека ова е берзански производ, сите ние државите купуваме од исто место, а ние како држава имаме убедливо најниска цена на диузел горивото и на безоловниот бензин во регионот, па и во Европа би рекол, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Како последица на поскапувањето на нафтата на светските берзи, само во последниот месец бензините кај нас поскапеа за вкупно 8,5 денари, а дизелот за 18,5 денари.

Мирјана Јовеска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Главната цевка на водоводот во Гостивар била преместена за проектот Коридор 8 на Бехтел и Енка во мај годинава

Sonja Petrusevska

Велешанка касната од пајак „Црна Вдовица“, пренесена е на скопските клиники

Kristina Kuzmanovski

Италија повеќе не ги прифаќа македонските возачки дозволи, за иселениците ова е ризик да останат без работа

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе