Ракомет Спорт

Игор Марковиќ е нов селектор на македонските ракометарки

Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија, соопшти Ракометната федерација. Црногорецот ќе го наследи Кристијан Грчевски, кој ја предводеше репрезентацијата од септември 2023 година.

Четириесет и четиригодишниот црногорски стратег ќе ја предводи репрезентацијата во подготовките за претстојното Европско првенство, а првиот предизвик ќе го има на турнирот „Трофеј Македонија“.

Марковиќ зад себе има богата играчка кариера, а за репрезентацијата на Црна Гора настапуваше на Светското првенство во 2013 и на Европското првенство во 2014 година. Четири пати беше прогласуван за најдобар црногорски ракометар.

По завршувањето на играчката кариера се посвети на тренерската работа. Со женската младинска репрезентација на Црна Гора го освои шестото место на Европското првенство во 2023 година, а годинава ја предводеше до историското петто место на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина. Работеше и како помошен тренер во романскиот гигант Рапид Букурешт.

Македонија третпат по ред ќе настапи на Европското првенство, што ќе биде нејзино осмо учество на континенталните шампионати. Ракометарките се најдоа во Б-групата, чии натпревари ќе се играат во Клуж-Напока, а за противници ќе ги имаат домаќинот Романија, актуелниот олимписки, светски и европски шампион Норвешка, како и Швајцарија. Европското првенство ќе се одржи од 3 до 20 декември во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.

ФОТО: Ракометна федерација на Македонија

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вардар во Рига брка пресврт и продолжување на европскиот пат

Sportska Redakcija

Силекс го декласираше Башкими, сигурна победа и на Шкендија

Sportska Redakcija

Погачар ја освои петтата титула и се израмни со легендите на „Тур де Франс“

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе