Имал 19 години, од Скопје е, речиси една година се криел во сигурна куќа на црногорски криминален клан бидејќи по него беше распишана потерница за обид за убиство на високорангиран криминалец од ривалска нарко банда. Скопјенецот Андреј Танасковски е уапсен вчера во Никшиќ, а на полициските снимки се гледа како црногорски специјалци го носат во јавното обвинителство во Подгорица каде му беше определен краткотраен притвор.
„Осомничениот се товари дека на 7-ми август 2025-та година, во Будва се обидел да му го одземе животот на оштетениот М.Љ.К., така што од зад грб му пришол на оштетениот и од огнено оружје-пиштол, без дозвола за носење на јавно место, истрелал повеќе куршуми во правец на оштетениот на кого му нанел тешки и животозагрозувачки телесни повреди. Покрај наведеното, осомничениот се товари и за кривично дело фалсификување на лични документи“, соопштија од Вишото Јавно Обвинителство во Подгорица, Црна Гора.
Танасковски е прв македонски тинејџер уапсен во Црна Гора под сериозно обвинение за обид на убиство. Според информациите кои ги објави КОД на Телма, дваесетина млади луѓе веќе се регрутирани од српско-црногорските картели за да работат на нивна територија. Полициски извори тврдат дека станува збор за момчиња главно од Скопје, односно од Аеродром и Ѓорче Петров. 21-годишен скопјанец лани загина кога се активираше експлозив во стан во Белград.
Претставници на скопската полиција тврдат дека регрутацијата оди со помош на македонски јатаци. Се бираат млади со скромни приходи, од посиромашни семејства или со кривични досиеја. Прво ги носат во Белград, каде добиваат пари за прошетки и излегување во ноќни клубови. Потоа им се даваат криминални задачи, дилање дрога па дури и ликвидации, како во случајот во Будва, а за уапсениот тинејџер беше распишана и меѓународна потерница.
„Министерството за внатрешни работи во соработка со меѓународните партнерски служби согласно својот делокруг на надлежности ја следи безбедносната состојба и инволвираноста на наши државјани во било какви незаконски дејствија во нашата земја и околните држави и согласно своите законски овластувања презема мерки и споделува информации со цел расветлување на било каков кривично правен настан“, велат од МВР
Македонската полиција ја следи состојбата, а во март оваа година беше уапсен и српски државјанин со оружје за кого првично имаше сомнежи дека регрутира млади скопјани за криминална печалба во Белград.
Миомир Серафиновиќ
