Uncategorized Вести Македонија

КОД: Кој се кити со македонското злато

Кој се кити со македонското злато? Прашање на кое е тешко да се одговори додека не се одговори на прашањето кое злато.

Во рудниците во земјава, како секундарна суровина се произведуваат и одредени количини злато и сребро. Според Законот за минерални суровини, рудниците за метали, кои во производниот процес произведуваат злато, се должни прво да ѝ го понудат за продажба на Народната банка на Македонија по пазарна цена. Ако Народната банка не сака да го купи, може да го продадат на друго место.

Во Народната банка прашавме колку злато им било понудено во изминативе пет години, и колку откупиле. Ни одговорија дека воопшто не им било понудено злато и оти бараат законски измени за да добијат предност при купување.

Таа предност во законот постои, но златото не постои.

Во земјава се произведува руден концентрат кој содржи стотици килограми злато годишно. Рудникот за бакар Бучим во Радовиш, на својата веб страница објавува дека рудата која ја копаат содржи 0,2 до 0,3 отсто бакар и 0,2 до 0,22 грама злато по тон. Во последните неколку години не објавуваат јавно колкави количини метал произведуваат, но во периодот додека објавуваа, пред 2020 година, произведувале меѓу 30 и 40 илјади тони руден концентрат во кој имало помеѓу 448 килограми и 975 килограми злато и меѓу 860 и 1300 килограми сребро годишно.

Проблемот е во тоа што во земјава нема топилница во која од тој руден концентрат ќе направи злато или сребро. Концентратот се извезува во топилници во странство, најчесто во Бугарија. Таму фактички се произведуваат златните плочки кои тамошните топилници веќе немаат обврска прво да ѝ ги понудат на продажба на Народната банка на Македонија.

„Наведената одредба од постојниот Закон за минерални суровини не е спроведлива во пракса со оглед дека македонските рудници како концесионери не располагаат со злато како финален производ, односно во технолошкиот процес произведуваат сув бакарен концентрат којшто содржи одредено количество на метали, вклучително и злато. Имајќи предвид дека на територијата на Република Северна Македонија нема во функција топилница за добивање на злато во физичка форма, производството на финални метални производи надвор од земјата значително го оневозможува процесот на задржување на македонското злато во земјата и истото да биде понудено за продажба на Народната банка. Оваа област во иднина се очекува да биде уредена со новиот Закон за рударство, којшто е во подготовка од страна на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а во процесот на консултации е вклучена и Народната банка“, велат во Народната банка.

Сепак, нејасно е како тој проблем би се решил законски, односно како со македонски закон ќе им се наложи на странски топилници да го продаваат златото во Македонија.

Во нацрт-законот за рударство, кој е ставен на јавна дебата на ЕНЕР, повторно е ставена истата формулација како во сегашниот закон за минерални суровини – дека Народната банка има предност во купувањето на златото произведено во Македонија, но во Македонија не се произведува злато.

Според податоците на Народната банка, вредноста на златото во македонските девизни резерви од 2009 година досега е зголемено за скоро 6 пати – од 146 милиони евра во 2009 на 875 милиони евра во април годинава, но повеќе од две децении државата не купила ниту грам злато. Само што истата количина вреди повеќе. Официјалите податоци покажуваат дека земјава има 0,22 милиони фини унци злато, односно околу 6,9 тони монетарно злато, кое во златни прачки од по околу 12 килограми се чуваат во трезорот на Банката на Англија во Лондон.

Срѓан Стојанчев

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ако улицата се скрати еден метар, нема да можат да поминат ни Пожарна, ни Брза помош – жители од Маџир Маало бараат општина Центар да ја стопира узурпацијата на јавен простор

Дејан Дејан

Власта во реконструкција, опозицијата со оценка – се менуваат фотелјите, но не и политиките

Дејан Дејан

Топлото време ги зголеми повиците на Итната медицинска помош

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе