Сериозни обвинувања за сеча на шума без дозвола во близина на вештачкото езеро Козјак,пристигнаа до КОД преку анонимно писмо и видео снимки и фотографии на УСБ. Дојавувачот тврдеше дека станува збор за шума која е во рамки на територијата на Јавното претпријатие Јасен. Клучниот доказ беше ова видео на кое се гледаше и исечени дрвја наредени во купи, како за истовар.
КОД ги провери геолокациски снимките и според сите знаци, близина на пат, и панорамски погледи кон селото Нова Брезница- локацијата се наоѓа во реонот во близина на ресторанот и видиковецот кон езерото Козјак.
И на други видеа се гледаа исечени или паднати дрвја. Односно во шумите имаше повеќе дупки каде нема дрвја и таквите опустошени кругови не се гледаат од земја туку само од небо, од дрон. Дополнително сите овие локации беа во близина на патот од Брезница кон видиковецот и ресторанот Аурора, што наведува на заклучок дека дрвјата се подготвени за брзо утоварување.
Симптоматичн е што овие пусти кругови се наоѓаат во шумските единици од број 111 до број 118 и сите се во рамките на Јавното претпријатие Јасен кое е во државна сопственост и под директна контрола и надлежност на владата затоа што станува збор за стратешки објект во чиј состав се наоѓаат и засолништа и бункери за државниот и воениот врв односно резервни позиции во случај на воена или кризна состојба.
Во одговорите кои до КОД ги испратија и самото Јавно претпријатие Јасен и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потврдуваат дека за наведените локации односно шумски единици нема план ниту дозвола за сечење дрва. Од Јасен наведуваат и дека сите активности поврзани со сечење на дрва на територија на Јасен се изведуваат законски и врз основа на планови и извршени тендери на кои се бираат фирми за сечење на дрва.
-Имајќи ги предвид ограничените човечки, материјални и технички капацитети со кои располага претпријатието, сечата и дотурот на дрвна маса се вршат исклучиво преку економски оператори избрани по пат на јавна набавка. За секоја реализирана сеча се изготвува целокупната документација предвидена со законските прописи. Истовремено, претпријатието редовно изготвува месечни извештаи за реализираните активности кои се доставуваат до Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како надлежен орган. Контрола на теренот континуирано вршат овластени вработени во ЈПУЗПП „Јасен“ во рамките на своите законски овластувања, а секое евентуално непочитувагье на законот се известува надлежниот орган, одговорија од ЈПУЗПП ЈАСЕН.
Резултатите од активностите кои се гледаат на видеата доставени до КОД наведуваат на заклучок дека сомнежите за дива сеча и дрвокрадство не се пријавени ниту пак се откриени досега.
А дека Јасен е интересен за дрвокрадците во минатите години, потврдија и надлежните.
-Според сознанијата кои ги има министерството од страна на ЈПУЗПП ЈАСЕН скопје во 2023, 2024 и 2025 година биле поднесени пријави до Државниот инспекторат за шумарство и ловство за бесправна сеча од непознат сторител, а дрвните видови се тие кои што се содржани во посебниот план за стопанисување со шуми „Ивање“ 2018-2027 година, ни одговорија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
-Во изминатиот петгодишен период на територијата на ЈПУЗПП „Јасен“ се евидентирани случаи на бесправна (дива) сеча на различни видови дрвја од страна на непознати сторители. По констатирање на вакви случаи, ЈПУЗПП „Јасен“ постапува согласно своите законски надлежности, изготвува службена документација и за секој поединечен случај го известува Државниот инспекторат за шумарство и ловство, како надлежен орган за понатамошно постапување согласно закон, а кога е потребно и Министерството за внатрешни работи, велат од Јасен.
Во рамки на Јасен има огромни шумски пространства кои се интересни за дрвократците кои често се користат и со тактиката со пожари. Подметнуваат пожар каде дрвјата веќе се исечени и украдени или пак изгорените ги купуваат за многу пониска цена.
А лани имаше пожар баш во рамките на Јасен. Но, беше спречено неговото ширење со големо залагање на вработените во Јасен, пожарникарските служби и припадниците на армијата, МВР и Дирекцијата за заштита и спасување. Утврдено било дека настанал од удар на гром и почнал надвор од границите на Јасен.
-Пожарот во 2025 година зафати само мал дел, околу 2% од вкупната површина на шумско стопанската единица Ивање, додека останатиот дел беше надвор од оваа шумско стопанска единица. Според сознанијата со кои располага министерството пожарот бил предизвикан од удар на гром, велат од ресорното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Дивата сеча е проблем, но колку влијае врз безбедносното стратешко значење на Јавното претпријатие чија цел е во долгиот назив „за управување и заштита на повеќенаменското подрачје “Јасен”. Во него спаѓаат и две вештачки акумулации, покрај Козјак и езерото Матка, дефиниран е и во категоријата на посебни природни предели, формирани заради заштита на определени животински и растителни видови како и за заштита на геолошки и хидролошки природни реткости. Покрај шумата во него има и безбедносни позиции поради што прашањето е дали дива сеча може да влијае врз улогата на Јасен.
-Ве информираме дека Министерството за одбрана е во комуникација со надлежните во ЈПУЗПП “ЈАСЕН“ и дека евентуалните наведени активности во прашањето, не влијаат на безбедносниот систем, велат од Министерството за одбрана.
-Претпријатието не располага со информации од јавен карактер кои би содржеле проценка за евентуалното влијание на сечата или бесправната сеча врз безбедносниот систем на Република Северна Македонија. Во рамките на законските надлежности на ЈПУЗПП „Јасен“, сите активности поврзани со стопанисувањето со шумите се реализираат согласно Законот за шумите, важечките плански документи и другите позитивни прописи, одговараат од Јасен.
Видео снимките и фотографиите покажуваат дека нешто се случувало и има сомнежи за дива сеча, а надлежни за спроведување на законските обврски за заштита на шумите се инспекторите од надлежниот Државен инспекторат за шумарство и ловство. И досегашните пријави и сомнежи за дива сеча биле регистрирани, но дрвократците не биле пронајдени. Иако се дрзнале, дивата сеча да ја прават во рамки на стратешкото јавно претпријатие Јасен.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот беше прикажан во емисијата КОД на 28.06.2026. на ТВ Телма.
