Вести Нексус Нексус-Глобален магазин Свет

Потребата од технолошки и економски развој го загрозува опстанокот на 70 милиони луѓе во Југоисточна Азија

Седнат на прамецот на својот чамец, Јана отплеткува од својата мрежа неколку мали рипчиња, очигледно разочаран од својот улов, и загрижен дали ќе успее да ги продаде. Побарувачката за риби од реката Меконг изминативе години постојано опаѓа, поради загриженоста за нејзината загаденост од легалните и нелегалните рударски операции за ископ на ретки минерали долж нејзиниот речиси 5.000 километри долг речен тек.

Околу 70 милиони луѓе во Југоисточна Азија во должина на целиот тек на 12 по големина река на светот, директно или индиректно зависат од реката Меконг. Семејството на Јана, генерации наназад живее во Чианг Саен, историски град на северот од Тајланд, каде голем дел од локалната популација живее токму од рибарство.

Се поголемата побарувачка за овие ретки минерали предизвикаа нерегулирана експанзија на нивниот ископ во разорениот од војна Мјанмар на север, која започна да се шири и во Лаос на исток. Реката Меконг веќе со децении се соочува со најразлични од човекот наметнати притисоци, од загадување со пластика, кое го уништува нејзиниот биодиверзитет до градење на хидроцентрали, кои го нарушуваат нејзиното течение и ископ на песок, кој ги разорува нејзините брегови. Но, експертите предупредуваат дека токсините од овие рудници за ретки минерали претставуваат егзистенцијална закана.

„Загрижен сум откако дознав дека ископите продолжуваат и во Лаос, исто така, затоа што сега имаме уште еден извор кој ослободува повеќе загадувачи, не само во Мјанмар, туку и во Лаос, и тие заедно навистина влијаат врз Меконг“, вели Танапол Пенрат, професор на Универзитетот Наресуан.

Човековата изложеност на тешки метали како Арсен, Жива, Олово и Кадмиум, кои остануваат како нуспороизвод во пороцесот на екстракција на ретките минерали, значително го зголемуваат ризикот од рак, откажување на органите и пречки во развојот, особено кај бремени жени и мали деца. Неодамнешните испитувања на водата, рибата и седиментот во реката Меконг, покажаа загрижувачко ниво на овие опасни метали, вели д-р Варакорн Манечукет, од Универзитетот Наресуан во Тајланд.

„Земавме примероци од риба и седимент. Сега, ќе го започнеме процесот на анализа. Ќе го испитаме физичкиот изглед за траги од болеста, и ќе припремиме примерок за понатамошни анализи“, рече Варакорн Манечукет  од Универзитет Наресуан.

Во лабораторијата таа сецира неодамна уловен сом, трагајќи по најочигледните показатали за токсичниот ефект врз живиот свет во реката. Од тумороидни израстоци, преку безбојни лушпи, до необични бои во очите.

„Во примерокот анализата ќе бара траги од тешки метали. Кај рибата тоа се четири метали: Арсен, Жива, Олово и Кадмиум“, додава Манечукет. 

Акумулацијата на овие тешки метали делува на многу подмолен начин. Арсенот предизвикува откажување на органите, Живата го оштетува нервниот систем, додека Оловото ја напаѓа когницијата а Кадмиумот бубрезите.

Професорот Танапол Пенрат и Универзитетот Наресуан одлучиле да преземат нешто. Пернат создал апликација за безбедност на рибите а универзитетот започнал програма која ги обучува рибарите од Чианг Саен како да ја користат. Идејата е тие да ги фотографираат уловените риби за кои се сомневаат дека се затруени. Создавањето на граѓанско научна дата база за северниот дел на Тајланд може да помогне открие обемот и ширењето на контаминацијата, тврди Пернат.

„Да, проблемот е прекуграничното загадување на водите од нерегулираниот и несоодветно контролиран ископ на ретки минерали и злато во Мјанмар“, вели професорот Пенрат.

Досегашниот одговор на тајландската влада за оваа потенцијално катастрофална криза е недоволен, и поткопан од ограничената експертиза, лошата информираност и недостатокот на средства.

Ниват Ројклаев, активист за животната средина и основач на школата Меконг, кој повеќе од 40 години води кампањи за заштита на реката, тврди дека во споредба со останатите закани како пластичниот отпад и хидроцентралите, загаденоста со тешки метали е најопасна. Тие се невидлива закана која фундаментално го измени северен Тајланд, тврди тој.

„Најважно од се, мораме да започнеме да се справуваме со овој проблем. Мораме да почнеме што е можно побрзо, бидејќи овие токсини не исчезнуваат. Важно е да се разбере дека со едноставното запирање на рударските опреации, токсините нема да исчезнат“, потенцира Ниват Ројклаев,  активист за животна средина.

Овој дел на Талјанд е дом на десетици заедници на домородни народи, чиј начин на живот е тесно поврзан со реката Меконг. Освен ловењето риба, реката Меконг е главниот извор за надовднување во регионот. Од ориз во американските супермаркети, до незреана соја популарна во Јапонија и лукот обожаван од Мјанмарската кујна, голем дел од тајландскиот БДП зависи од извозот на храна, кој сега е загрозен од токсините во водата.

„Ако загадувањето продолжи на овој начин, знаете, новата генерација ќе мора да се пресели во градот, бидејќи не можат да го продолжат овој земјоделски живот“, изјави Санграве Суверакарн, припадник на народот Шан.

Централната влада се правда дека нема начин како да го запре ископот на ретки минерали во соседните држави Мјанмар и Лаос. Единственото што локалните власти можеа да го направат, е да им препорачаат да избегнуваат контакт со реката. За припадниците на овие народи, тоа е практично невозможно.

Сеприсутноста на ретките минерали во модерната технологија, значи дека побарувачката за нив ќе продолжи да расте. Од паметни телефони, преку електрични возила, ракети и авиони, ретките минерали се од витално значење за економијата на 21 век. Сепак, тоа е лоша вест за реката од која преживува копнениот дел на Југоисточна Азија.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два активни и еден изгаснат пожар – гори во штипската населба Света Недела и во село Матејче

Sasko Dimovski

Барселона го постави знамето на виножитото за почеток на прославите на гордоста

Дејан Дејан

Од среда до крајот на август забрана за движење во шуми – глобите за непочитување од 1.500 до 2.000 евра

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе