Женската одбојкарска репрезентација денеска ги почнува подготовките за новата сезона во Европската лига, која воедно ќе биде дел и од квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Новиот селектор Милош Гавриловиќ на стартот ќе ги има на располагање сите повикани одбојкарки од поширокиот список.
Според планот и програмата, одбојкарките подготовките во целост ќе ги реализираат во Скопје, поточно во СЦ „Форца“. Во пресрет на стартот на Европската лига, нашите репрезентативки ќе одиграат и два контролни натпревари против селекцијата на Косово, на 29 и 30 мај.
Во меѓувреме, Гавриловиќ ќе направи и пресек на списокот, по што ќе треба да одлучи кои одбојкарки ќе бидат во составот за главните натпревари.
Македонија првиот турнир од Европската лига ќе го игра од 5 до 7 јуни во Порто, каде што, покрај со домашната селекција на Португалија, ќе ги одмери силите и со Унгарија. Следната недела нашите девојки ги очекува турнир во Аликанте, каде што ќе играат против домаќинот Шпанија и Азербејџан. Настапот во Европската лига Македонија ќе го заврши на домашен терен, кога од 19 до 21 јуни во „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на последниот турнир, на кој ривали ќе ни бидат Хрватска и Словенија.
