Вести Култура

Аудио- визуелно предавање за македонската рок музика вечерва во Загреб

Вечерва  во македонскиот Културно- информативен центар во Загреб ќе се одржи аудио-визуелно предавање „Историјата на македонската рок музика и рок култура“, на истражувачот, хроничар и автор Тошо Филиповски – најзначајниот документарист на македонската рок сцена.

Настанот претставува уште една активност преку која македонскиот КИЦ во Загреб ја афирмира нашата култура во сета нејзина разновидност, претставувајќи ги не само традиционалните вредности, туку и современите текови што оставиле траен белег во националната културна историја. Во тој контекст, рок музиката е препознаена како значаен сегмент од културната меморија и современото културно наследство на Македонија.

Тошо Филиповски повеќе од четири децении е посветен на истражувањето, документирањето и архивирањето на македонската рок музика и рок култура. Автор е на капиталните изданија „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата „ГОТРА“, како и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“. Покрај авторската дејност, со години работи како новинар, уредник, радиоводител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, оставајќи непроценливо документарно наследство за развојот на македонската рок сцена.

Преку богата аудио-визуелна презентација, проследена со ретки фотографии, архивски видеоматеријали, музички записи и бројни интересни сведоштва, посетителите ќе имаат можност да проследат повеќе од шест децении развој на македонската рок сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сè до денес.

По премиерното претставување во Загреб, Тошо Филиповски ќе ја продолжи својата турнеја низ Хрватска со гостувања во Риека, Пула, Сплит и Дубровник, претставувајќи ја богатата историја на македонската рок музика и рок култура пред хрватската публика.

Со оваа програма, Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб продолжува да ја промовира современата македонска култура и да создава нови можности за културен дијалог и соработка меѓу Македонија и Хрватска.Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а ќе го отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска- Илиевска.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Водата во Крушево повторно безбедна за пиење

Kristina Kuzmanovski

Пожарот во Франција сѐ уште под закана од повторно разгорување

Kristina Kuzmanovski

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума награден на фестивалот во Ерусалим, а ќе има европска премиера во Сараево

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе