Јуниорската кошаркарска репрезентација на Македонија го запиша третиот пораз на исто толку натпревари на Европското првенство од Б-дивизијата, кое се одржува во Опатија и Риека. Нашите надежи денеска убедливо загубија од Унгарија со 86-63.
Унгарија уште во првата четвртина ја презеде контролата врз натпреварот и по десет минути игра имаше убедлива предност од 21-6. Македонија одигра нешто подобро во вториот период, но на полувремето противникот водеше со 40-26.
Во продолжението негативата на нашиот тим се зголеми на повеќе од 20 поени, а Унгарија без поголеми проблеми ја задржа предноста и славеше со конечни 86-63.
Ѓорѓи Цветковски со 22 поени беше единствениот кошаркар со двоцифрен ефект во македонскиот состав.
По три натпревари во исто толку дена, Македонија ќе има два дена пауза. Последниот натпревар во групата Д ќе го одигра во среда од 10:30 часот против Шведска.
