Економскиот интерес пред се. Администрацијата на Трамп ги тргна на страна тензиите во односите со Јужна Африка, во обид да обезбеди уште еден извор на исклучително посакуваните реткоземни елементи. Јужна Африка е членка на БРИКС, развива блиски односи со Русија и Кина, мета е на критики на Трамп за наводен геноцид врз белото население, што се разбира е само уште изјава на американскиот претседател која воопшто не е базирана врз фактите, но тоа не значи дека САД ќе ја пропуштат можноста да обезбедат пристап до исклучително значајните ресурси.
Меѓународната развојна финансиска корпорација на САД се обврза на финансиска поддршка со 50 милиони долари на проектот Фалаборва реткоземни елементи. Иако наликуваат на обични песочни дини, во наносите кои се отстрануваат од отпадот на поранешната хемиска фабрика во северниот дел на провинцијата Лимпопо, се наоѓаат некои од најбараните реткоземни елементи. Најразвиените земји во светот идентификуваа десетици минерали, вклучувајќи ги бакарот, кобалтот, литиумот и никелот, како критични бидејќи се неопходни за новите технологии. Седумнаесетте реткоземни елементи (вид на метали) се подгрупа од нив.
Станува збор за критично важни суровини во високотехнолошката индустрија – за производство на електронски и дигитални уреди, силни магнети, електрични возила, воената индустрија, медицината, роботиката. Администрацијата на Трамп има за цел да вложи речиси 12 милијарди долари за создавање сопствени стратешки резерви од овие ресурси.

Иако финансирањето на овој проект започна во првата администрација на Трамп и продолжи во времето на Бајден, инвестициите продолжуваат и покрај влошените односи откако Трамп повторно дојде на власт и издаде извршна наредба за прекин на финансиската помош за Јужна Африка.
Проектот Фалаборва го развива компанијата Rainbow Rare Earths – реткоземни елементи Виножито а владата на Јужна Африка нема директен удел. Наместо класично копање руда, компанијата извлекува метали преку процес што во суштина претставува еколошко чистење.
„Обработуваме фосфогипс и потоа извлекуваме реткоземни елементи. Тоа е првпат во светот. И мислам дека тоа ќе биде навистина добра работа, многу убава работа за Јужна Африка и за нас, затоа што ние сме тие што го направивме тоа. Не некој друг во светот – туку ние“, објаснува Алберто Брутомесо, проектен директор во Ретки земјени елементи „Виножито“.
Според него, најтешкиот дел веќе е завршен, бидејќи претходните сопственици ја дробеле и обработиле рудата. Насипите кои се испитуваат содржат околу 35 милиони тони индустриски отпад – фосфогипс – нуспроизвод од рударството и производството на ѓубрива. Американската инвестиција ќе се искористи кога ќе започне изградбата на фабриката, планирана за почетокот на 2027 година а проектот има цел да започне со екстракција во 2028-та година. Очекувањата се дека проектот ќе работи најмалку 16 години.

Според досега направените анализи, потенцијалот на проектот сè уште не е целосно познат бидејќи процесот е уникатен. Компанијата тврди дека ќе користи до 90% обновлива енергија и ќе биде поевтина од традиционалното рударство.
„Обработуваме индустриски отпадни материјали. Секој проект сличен на овој неизбежно претставува и еколошко чистење и мислам дека тоа не може доволно да се нагласи. Различни сме од другите проекти затоа што типичен рудник има многу чувствителна и тешка рамнотежа – помеѓу обезбедување ресурси што му се потребни на светот, но исто така и да не се уништи непосредната околина на рудникот. Мислам дека ние го имаме најдоброто од двата света, бидејќи реткоземните елементи што ќе ги произведуваме ќе ја поттикнат зелената енергија и зелената технологија“, изјави Ру Вилденбурс, постар металург, од Ретки земјени елементи „Виножито“.
Извршниот директор на компанијата, Џорџ Бенет, вели дека најголем дел од производството ќе оди кон САД, особено за одбранбени цели, што и не е големо изненадување, особено со трошоците на американската воена индустрија во војните во Украина и Иран.
„Гледаме дека Америка е многу фокусирана на одбраната. Одбранбените системи и оружјето бараат реткоземни елементи за да бидат толку софистицирани како што се. На пример, еден борбен авион Ф-35 денес има околу 420 килограми реткоземни елементи. Подморниците од класата Калифорнија имаат меѓу четири и пет тони реткоземни елементи по подморница. Тие се користат и во системите за наведување на ракети“, изјави Џорџ Бенет, извршен директор на Ретки земјени елементи „Виножито“.
Компанијата очекува да произведува неодимиум, празеодимиум, диспрозиум и тербиум. Станува збор за некои од стратешки најзначајните реткоземни елементи
„Преговараме за постигнување договори за откуп, кои најверојатно ќе одат кон западот, највеќе кон САД. Во однос на обемот, ќе произведуваме околу 1.750 тони неодимиум-празеодимиум оксид, како и приближно 60 тони диспрозиум и околу 20 тони тербиум. Тоа можеби звучи малку, но станува збор за многу вредни реткоземни елементи и тие количини нè прават значаен производител на тешки реткоземни елементи“, додава Бенет.

Тоа што е најспецифично во проектот во Јужна Африка е фактот дека за разлика од вообичаениот процес на доаѓање до реткоземните елементи, кога се копа длабоко во земјата и честопати се создава токсичен отпад, во овој случај тие се многу полесно достапни.
„Ова е многу уникатно. Како што спомнав, во земји како Бразил, Русија, па дури и Кина, за да се дојде до реткоземните елементи, мора да се копа длабоко. Но овде тие веќе се на површината, па не се потребни многу процеси. Спомнато е дека Јужна Африка може да стане втората земја со ваков ефикасен процес, веднаш по Кина“, вели д-р Алсено Мосаи, предавач/истражувач на Универзитетот во Преторија.
Експлоатиацијата на природните ресурси, особено оние најзначајните за високата технологија може да помогне и за намалувањето на тензиите во односите меѓу САД и Јужна Африка.
„САД знаат дека можат многу да добијат од Јужна Африка. Затоа, иако има конфликти, тие сепак сакаат да бидеме на нивна страна. Не е ситуација каде што само сакаат да нè оттурнат – тие вршат притисок за да го привлечат нашето внимание. Знаат дека Јужна Африка има огромни резерви на минерали како злато, платина и други метали. Дури и кога станува збор за реткоземните елементи, тие знаат дека нивните сопствени резерви не се доволни, па се свртуваат кон земји како Јужна Африка бидејќи ќе им бидат потребни овие ресурси во иднина“, објаснува Мосаи.
САД исто така го поддржуваат проектот „Лобито коридор“ – железничка линија долга околу 1.300 километри која ќе ги поврзе рудно богатите региони во Конго и Замбија со Атлантскиот брег – идеално позиционирана за извоз кон САД.
Никола Илиевски
