Двајца руски „руфтопери“ кои наводно инсценирале запросување на самиот врв на шпицот на Емпајер Стејт Билдинг во Њујорк, веднаш потоа биле изведени пред суд во Њујорк по низа сериозни обвиненија, меѓу кои и загрозување на јавната безбедност.
Ангела Николау и Иван Кузнецов биле уапсени вчера по смелата акција во која, облечени во црно, развиле знаме и се бакнале на врвот на една од најпознатите згради во светот.
Тие ја поминале првата ноќ од, како што се наведува, нивната свршувачка во одделни ќелии во близина на кривичниот суд во долен Менхетен, каде биле изведени пред суд под обвиненија за провала, загрозување на јавната безбедност, оштетување на имот, незаконски влез, манипулација со туѓа сопственост, нарушување на јавниот ред и поседување алатки за провала.
И двајцата се државјани на Русија и, според податоци од регистри, имаат заедничка адреса во Њу Џерси. Тие се познати претставници на т.н. „руфтопинг“ — екстремен урбан феномен во кој авантуристи се искачуваат на облакодери и високи градби за да направат фотографии и видеа што често имаат спектакуларен визуелен ефект или симболична порака. Според истрагата, засега се утврдува како успеале да се искачат до највисоките делови на култната зграда, отворена во 1931 година како највисока во светот.
Акцијата била следена од дрон и хеликоптер на њујоршката полиција, по што биле уапсени од специјалната единица за интервенции на височина. Во соопштение, сопствениците на Емпајер Стејт Билдинг порачаа дека љубовните изјави и запросувања е најдобро да се изведуваат на безбедни и предвидени места, како официјалната опсерваторија на зградата.
Во меѓувреме, социјалните мрежи се преплавени од снимки и објави поврзани со наводното запросување, кое за кратко време стана вирална тема и предизвика бројни реакции ширум светот.
JUST IN: After two people climbed to the top of the Empire State Building and unfurled a banner on top of its spire Wednesday afternoon, one of the climbers appeared to propose to the other. https://t.co/ngG3jOeTBU pic.twitter.com/PhubQpnRH6
— ABC News (@ABC) July 1, 2026
Т.Д.
Извор на фотографија: Социјални мрежи
