Бизнис објектив Вести Економија Македонија

„Бизнис објектив“: Од мал погон до голем извозник – успешна приказна на македонска фабрика

Над 1 милијарда евра потрошила земјава минатата година за увоз на прехранбени производи, во исто време додека земјоделското производство од година в година се намалува. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2025 година биле извезени прехранбени производи во вредност од 564 милиони евра, додека увозот бил над 1,1 милијарди евра, односно над 560 милиони евра дефицит.

Сопственикот на Прехранбената индустрија КИМ Неготино, Славчо Јорданов, вели дека производителите се соочуваат со низа предизвици – од навременото обезбедување на квалитетни суровини, кои сè помалку ги има со оглед на намаленото земјоделско производство, високите цени на енергијата, недостигот, особено на висококвалификувана работна сила, па до изворите на финансирање за развој.

Со првиот предизвик – суровините се снаоѓаме некако. Имаме кооперантски однос со неколку кооперанти. Конкретно за доматите имаме договор со кооперанти со кои соработуваме 15 години и немаме проблем со тоа. Околу другите суровини, овошјето што го користиме за џемови, сокови и слични производи, за нив нема проблем, затоа што на пазарот има доволно колку што ни треба на нас, затоа што не сме големи производители на овошни преработки, така што за нас има доволно. Што се однесува до сегментот на работната рака, тешко е да се најдат луѓе кои се стручни, меѓутоа во сета таа тешкотија ние се снаоѓаме некако, но секако ни фалат луѓе. Многу тешко се наоѓаат инженери, технолози, машински и електро инженери, такви стручни луѓе тешко се наоѓаат. Во однос на финансирањето, тоа се одвива преку нашите банки, соработуваме со банките, секогаш добиваме некои поволни кредити затоа што секогаш има некои линии со поповолни камати, нешто има и грантови за термичка изолација, за енергетска ефикасност, за нив има грантови, и другиот начин е со ИПАРД средствата“, вели Славчо Јорданов, сопственик на КИМ Неготино.

Јорданов ја отворил компанијата во 1999 година по пропаѓањето на Конзервната индустрија Македонија од Неготино каде што работел како технолог. Почнале со сопругата да произведуваат кечап во една просторија од 30-тина квадратни метри, за четврт век подоцна да стигне до фабрика со 70-тина вработени, која е присутна и на пазарите во регионот.

Македонија е мал пазар и за да можеш да се пробиеш, макар на соседните пазари, треба прво да се развиеш на домашниот пазар и полека да почнеш да се шириш на околните пазари. Ние како мала фирма на почетокот, и сè уште не сме некоја голема фирма, успеавме да го задоволиме македонскиот пазар, потоа почнавме полека да извезуваме, но за тоа треба средства, треба маркетинг, треба инвестирање во сета таа работа. Ние не бевме моќни да го совладаме тоа наеднаш и затоа поминаа многу години додека да пораснеме доволно за да почнеме да извезуваме на надворешните пазари“, вели Јорданов.

Неговата компанија е дел од Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. По направената бизнис дијагностика на целокупното работење, се идентификувани одредени работи кои треба да се направат за да се излезе во пресрет на очекувањата на пазарот – развој на нови производи, нови пазари и намалување на производствената цена.

„Ние дојдовме до ситуација кога македонскиот пазар беше заситен со нашиот асортиман, така што мораше да побараме помош, но таа дијагностика ни покажа дека ни треба развој на нови производи и развој на нови пазари, како и економизација на производството во смисла на работната рака, на енергијата и на цените на суровините, односно на амбалажите. Ние презедовме некои мерки со анализа на сите цени на суровините и на репроматеријалите. Второ, што ни помогна за многу работи беше автоматизација, роботизација и дигитализација. Ние веќе работиме на тоа поле, и од претходно работевме, но сега до крај ќе ги осовремениме сите процеси да бидат дигитализирани, така што имаме еден многу пософистициран и поекономичен производствен процес“, вели Јорданов.

Бизнис советникот Златко Еделински вели дека бизнис дијагностиката е скенирање на целосната работа на компаниите од влез на суровините до пласман, која има за цел да ги идентификува и да ги отстрани тесните грла за да се зголеми продуктивноста.

„Со бизнис дијагностиката се утврдува и моментот на недостиг на суровина, што е генерален проблем на прехранбената индустрија. Сè поголем проблем е недостигот на соодветна работна рака, затоа со дијагностиката ние наоѓаме решенија во правец на автоматизација и роботизација на тие производства, за алтернативна замена на потребите од работна рака. Исто така во изминатите две години најголем проблем беше покривање на трошоците за производство на одредени производи, а тоа го правиме со решенија за мерење на енергетска ефикасност, односно за намалување на трошоците за производство на нивните производи“, вели Еделински.

Бизнисот полека го преземаат ќерките на Јорданов. Сметаат дека тоа што се вклучени во работењето од поодамна го олеснува процесот.

„Семејниот бизнис сам по себе си носи голем број предизвици, особено при промена на генерации, меѓутоа заедничката визија којашто ја имаме за раст и развој на компанијата ни помага за да може полесно да поминеме низ тој процес на трансформација на компанијата. Со самиот момент дека станува збор за семеен бизнис, ние сме вклучени уште, да не речам, како деца во бизнисот, значи луѓе, контакти, познавања, знаења, ние заедно растевме и се развивавме со фирмата“, вели Маријана Јорданова, еден од раководителите на КИМ Неготино.

Со оглед на тоа што освен јужното овошје, сите суровини што ги користат се домашни, Јорданов смета дека развојот на земјоделството е еден од главните предуслови за развој на прехранбената индустрија. Статистиката покажува дека производството на домати, на пример, во изминатата деценија е намалено за 35 проценти – од 173 илјади тони во 2015, на 112 илјади тони во 2025 година.

И Јорданов и Еделински се согласуваат дека довербата меѓу менаџментот и бизнис советниците е клучна за успешно надминување на проблемите. Јорданов вели дека да почнел со бизнис дијагностика во раните фази од развојот на компанијата, веројатно напредокот ќе бил побрз.

Малите и средни претпријатија обично ангажираат бизнис советници за дијагностика кога доаѓаат на пресвртни точки во развојот – воведување на нови производи, освојување на нови пазари, или, во случајот на семејните компании, смена на генерации.

 

*Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бизнис објектив“: Кои се предизвиците на македонските извозници?

Mirjana Joveska

Познатиот шпански шеф ЛУИС АРУФАТ подготвуваше шпански специјалитети со кочански ориз

Дејан Дејан

Косовски државјанин е уапсен на граница со поголема количина брендирана облека

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе